Државата во наредните четири години ќе изгради само 255 станови во Скопје за продажба
Државата преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен.простор од значење за Републиката во текот на оваа и следните три години ќе изгради само 255 станови за комерцијална продажба во Скопје.
Тие ќе се доградуваат во три згради, од кои една е онаа во градската четврт „Даре Џамбаз“ со 112 станови, за чија продажба претходно беа објавувани повици за аукција. Ќе се продаваат станови, вкупно 32, во уште една зграда во Центар во Дебар Маало. Предвидени се и 111 станови во Чаир. Вкупната површина е околу 17.000 метри квадратни.
Според усвоената програма одобрена од Владата, во текот на 2026, 2027, 2028 и 2029, покрај зградите во Скопје, ќе се продадат, односно ќе се изградат уште седум комерцијални станбени објекти во внатрешноста - три во Битола, две во Охрид и по еден во Штип и Неготино.
„Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката - Скопје на територија на Република Северна Македонија во текот на 2026 година ќе продолжи со активностите околу подготовка и организирање на изградбата на вкупно десет објекти со 703 станови со вкупна површина од 43.698,90 м2 , деловен простор со вкупна површина од 9.861,60 м2 , гаражи со вкупна површина од 15.185,35 м2 и подруми со вкупна површина од 309,70м2 .
Завршување и предавање во употреба на објектите се предвидува во текот на 2026-
2029 година. Досегашниот напредок на овие објекти изнесува 15%, во 2026 година ќе се
реализираат 20%, а останатите 65% ќе се реализираат во 2027-2029 година“; објавено е во актот на Владата.
Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен.простор, според објавената програма, планира да наплати 5,5 милиони евра од продажба на станови, гаражи и подруми во изградба во текот на 2026. Минатата година за овие згради за колективно домување биле инвестирани само 7,5 милиони евра.
„Вкупното чинење на изградбата на објектите со станбен и деловeн простор наменет за
продажба изнесува 3.400.864.399,00 денари без ДДВ. До крајот на 2025 година
вложувањата за изградбата на овие објекти изнесуваат 454.694.401,00 денари без ДДВ, а
потребните средства за целосно завршување изнесуваат 2.946.169.998,00 денари без ДДВ
од кои во 2026 година ќе се вложат средства во висина од 556.758.384,00 денари без ДДВ,
кои ќе ги финансира Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен
простор и со деловен простор од значење за Републиката - Скопје“, објавено е во документот.
A.K.
