Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата веќе нема од буџетот да ги плаќа „Бехтел и Енка“ за автопатите, подигнува кредит од 140 милиони евра кај банките

Државата веќе нема од буџетот да ги плаќа „Бехтел и Енка“ за автопатите, подигнува кредит од 140 милиони евра кај банките

Државата во изминатите години редовно со средства од буџетот ги исплаќаше директно обврските кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д се до 2 јуни годинава кога владата на седница официјално одобрила барање за заеднички кредит од четири деловни банки од Македонија со издадена државна гаранција.

На изведувачот на автопатите Тетово - Гостивар - Букојчани, Требеништа - Струга - Ќафасан и Прилеп - Битола секоја година редовно му се исплаќаше по 100-тина милиони евра според обврските и динамиката на работа кои произлегуваа од договорот и специјалниот закон, но за оваа година ќе се земе кредит од Стопанска банка, Комерцијална банка, Халк банка и НЛБ банка.

Синдицираниот кредит ќе изнесува 140 милиони евра. Ќе се користи во наредните 30 месеци. Грејс периодот е три години, а ќе се отплаќа во наредните 12 години. Во Службен весник е објавено дека министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е овластена да ја потпише државната гаранција.

„Со оваа одлука, Владата издава државна гаранција со која го гарантира, навременото и целосно исполнување на обврските на Јавното претпријатие за државни патишта кон Комерцијална банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје по основ на провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит, главен долг и камата по основ на одобрениот кредит кои произлегуваат од Договорот за синдициран кредит наменет за обезбедување на финансиски средства за финансирање на Проектот "Изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово - Гостивар - Букојчани и проектот за автопатот Требеништа - Струга - Ќафасан) и коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп - Битола)", во износ од 8.610.000.000 (осум милјарди шестотини и десет милиони) денари, со рок на отплата 12 (дванаесет) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, во кој е вклучен грејс-период од 3 (три) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, краен рок на користење на кредитот 30 месеци од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит и договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,24 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 3,95% годишно и провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит 0,1% годишно на неискористениот дел од кредитот, доколку Јавното претпријатие за државни патишта не ги исполнува и сервисира обврските од Договорот“, објавено е во Службен весник.

На истата седница била донесена и одлука за државна гаранција со која што за прв пат ќе се подигне заеднички кредит од четирите комерцијални банки за доизградба на автопатот Кичево - Охрид. Изградбата на овој автопат кој се гради 12 години, досега ја финансираше кинеската Ексим-банка. Условите се исти како и оние за „Бехтел и Енка“, со тоа што од Стопанска, Комерцијална, НЛБ и Халк банка ќе се подигнат 176,5 милиони евра.

„Со оваа одлука Владата издава државна гаранција со која го гарантира навременото и целосно исполнување на обврските на Јавното претпријатие за државни патишта кон Комерцијална банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје по основ на провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит, главен долг и камата по основ на одобрениот кредит кои произлегуваат од Договорот за синдициран кредит наменет за обезбедување на дополнителни финансиски средства за финансирање на Проектот "Изградба на автопат Кичево - Охрид", во износ од 10.850.000.000 (десет милијарди осумстотини и педесет милиони) денари, со рок на отплата 12 (дванаесет) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, во кој е вклучен грејс-период од 3 (три) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, краен рок на користење на кредитот 30 месеци од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,24 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 3,95% годишно и провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит 0,1% годишно на неискористениот дел од кредитот, доколку Јавното претпријатие за државни патишта не ги исполнува и сервисира обврските од Договорот.

Минатиот месец претставници на владата најавија дека кинеското финансирање престанува и дека довршувањето на автопатот Кичево - Охрид ќе продолжи од домашните комерцијални банки, но немаше никаква најава дека ќе се бара и кредит за автопатите на „Бехтел и Енка“. Сумата од околу 180 милиони евра беше најавена, но не беше споменат грејс период од три години.

А.К.

Слично

Поврзани вести