Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата со мерки да ги поддржи работните места во автомобилската индустрија: Мизо стравува и за сериозен одлив на кадри

Државата со мерки да ги поддржи работните места во автомобилската индустрија: Мизо стравува и за сериозен одлив на кадри

Целосно заздравување со автомобилскиот сектор нема да се случи брзо и многу зависи за кои региони станува збор. Оваа година е изгубено производство од околу 11.4 милиони возила на глобално ниво. Планот за раст за годинава е околу четири отсто споредено со 2021, со тоа што САД и Кина ќе го почувствуваат заздравувањето многу побрзо и во поголем обем. Кај нив, враќањето во некоја „нормала“ ќе се случи во втората половина на 2023, додека за Европа тој процес ќе потрае до 2025 година. Нормално овие анализи и проекции се засновани врз претпоставка за лимитирани идни влијанија на Ковид-19. Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство Виктор Мизо, во интервју за МИА, говори за влијанието на пандемијата врз производствениот процес, времетраењето на испораката, но и зголемените трошоци за транспорт и репроматеријали.

Тој вели дека веќе влеговме и во енергетската криза, која значи неколкукратно зголемување на трошоците за струја на компаниите, што дополнително и директно ќе влијае на финансиските резултати на компаниите.

„За илустрација, според анкетата спроведена од Асоцијацијата, намалувањето на бројот на вработени кај компаниите во периодот јануари – октомври 2021 е за околу два отсто. Ова е доволен сигнал за стремежот на компаниите да ги задржат вработените и покрај негативните околности во овој период. Сепак, дополнителни финансиски мерки од страна на државата за задржување работни места во автомобилската индустрија, која реално гледано трпи најдолгорочни последици, се неопхдни барем за време на првиот квартал од 2022 година, вели Мизо.

Мизо смета дека веќе од вториот квартал состојбата ќе почне да се стабилизира, но за достигнување на претпандемиските перформанси ќе треба да се почека. 

„Компаниите со напредно технолошко производство се стремат кон нови проекти и примена на софистицирана технологија, кои ќе бидат лоцирани во Македонија. Тоа може да значи префрлање од постојните локации во Европа или, пак, целосно нови проекти. Неизвесноста на среден рок ќе биде поприсутна кај трудоинтензивните компании, имајќи ги предвид новите технолошки трендови, од една страна, но и најавениот раст на минимална плата, воведувањето на недела како неработен ден, одлив на дел од кадрите во странство, т.е. лимитираниот човечки капитал во земјава, од друга страна. Во однос на последното, пред нас е нов предизвик, кој порано или подоцна ќе биде наметнат како ефект од заживувањето на слободниот пазар на трудот во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. Ова секако дека ќе придонесе за дополнителен одлив, како на стручен и специјалистички кадар така и на менаџерски, односно лидерски кадар. Токму поради тоа, коренитите реформи во образовниот систем, пред сè изразени во проширувањето на обемот на дуалното образование и зголемување на неговиот квалитет, како и настојувањата за што побрз развој и промовирање нови, млади и стручни бизнис-лидери ќе бидат исто така едни од предизвиците со кои ќе се фатиме во костец годинава, вели Тој.

Извор МИА


Слично

Поврзани вести