Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата веќе должи 76 милиони евра кај една од средните банки во земјата

Државата веќе должи 76 милиони евра кај една од средните банки во земјата

Долгот на државата кај ПроКредит банка за една година се зголемил за повеќе од една милијарда денари. Ова го покажува извештајот на деловната банка која, според вкупната актива, е шестта најголема банка во земјата. Од 58,5 милиони евра, долгот преку државните хартии од вредност се зголемил на повеќе од 76 милиони евра на крајот од 2025-та кај средната банка по големина во земјата.

ПроКредит банка вложила над 4,6 милијарди денари во државни хартии од вредност, покажуваат податоците од извештајот на банката. Најголемиот дел од овие средства се пласирани во државни записи издадени од Министерството за финансии, со рок на достасување до една година и каматна стапка од 3,80 до 3,90 проценти.

Станува збор за вложување од 3,31 милијарди денари во краткорочни државни записи, преку кои државата се задолжува на домашниот пазар. Дополнително, банката има и вложувања во државни обврзници во износ од 1,214 милијарди денари, со рок на достасување од три години и купонска камата од 3,40 проценти.

Во истата ставка е прикажано и вложување во еврообврзница издадена од Министерството за финансии, во износ од 73,4 милиони денари. Оваа еврообврзница носи купонска камата од 3,675 проценти и достасува во јуни 2026 година.

„Позицијата “Државни записи” во износ од 3.310.248 илјади денари вклучува записи издадени од Министерство за финансии со рок на достасување до 1 година и каматна стапка од 3,80% до 3,90%. Позицијата “Обврзници издадени од државата” во износ од 1.317.748 илјади денари вклучува вложување во Државни обврзници во износ од 1.214.000 илјади денари со рок на достасување од 3 години со номинална купонска камата од 3,40% и Еврообврзница издадена од Министерство за финансии во износ од 73.428 илјади денари со номинална купонска камата од 3.675% и рок на доспевање во Јуни 2026 година“, коментира независниот ревизор во извештајот.

Со приходи од околу 50 милиони евра во 2025, ПроКредит банка оствари добивка од околу 10,5 милиони евра за минатата година.

Инаку Централна кооперативна банка како една од најмалите комерцијални банки во земјата, претходно во својот извештај веќе објави дека има голем влог во купување на хартии од вредност преку кои се задолжува државата, односно Министерството за финансии.

До крајот на 2025, според финансискиот извештај објавен на Македонска берза во изминатите денови, вредноста на државните записи кои ЦКБ ги има купено од Министерството за финансии изнесуваат 52,1 милиони евра. Забрзаното задолжување на државата кај оваа мала деловна банка може да се види и од споредбата со вложувањата во хартии од вредност до доспевање до крајот на 2024, кога вкупната вредност изнесувала 39,6 милиони евра.

А.К.

Слично

Поврзани вести