Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата речиси до денар му исплати се на Бехтел и Енка за 2023-та

Државата речиси до денар му исплати се на Бехтел и Енка за 2023-та

Министерството за транспорт и врски во последните два работни дена од минатата година му исплати уште 43 милиони евра на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за проектот за изградба на четирите автопатски делници од договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Со тоа се заокружи предвидената финансиска програма во првата година од договорот за изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д на американско-турскиот изведувач да му се исплатат 240 милиони евра, според последните измени направени на владината седница на 28 декември.

Покрај тоа, на 15 декември, како што покажува базата на „Отворени финансии“, на ЈПДП му биле исплатени уште 4 милиони евра, што значи дека за половина месец за „Бехтел и Енка“ биле трансферирани околу 47 милиони евра.

Првично за 2023 на операторот требаше да му се исплатат 250 милиони евра, но во последните денови од минатата година Владата ги скрати средствата за 500 милиони денари, а беше направена и корекција во програмата дека преостанатите пари и да не му се префрлат на „Бехтел и Енка“, ќе ги чува јавното претпријатие „Државни патишта“. 

ЈПДП треба да достави извештај до Владата и до Министерството за транспорт и врски најдоцна до 30 јуни 2024 за тоа како ќе ги искористи овие пари.

„Доколку по исплатата на средствата, останат неискористени средства за 2023 година, Министерството за транспорт и врски во целост ќе ги префрли на посебна денарска сметка на Јавното претпријатие за државни патишта, а по претходно доставено барање од Јавното претпријатие за државни патишта со наведување на вкупниот износ на преостанатите неискористени средства. Средствата од оваа точка, Јавното претпријатие за државни патишта може да ги користи исклучиво за намената за која се доделени. Доколку средствата од оваа точка се користат спротивно на намената, Јавното претпријатие за државни патишта има обврска да ги врати и да ги уплати во Буџетот на Република Северна Македонија“, пишува во измената на актот.

Од достапните јавни информации, единствено во декември има доставен само еден отчет од консултантите до „Државни патишта“ за почетокот на изградбата на автопатиштата во вкупна должина од 109 километри. Во него пишува дека до крајот на октомври е завршена 58 отсто од проекцијата за тоа како ќе се изведе експропријацијата и 17 отсто од геотехничкото испитување. Се споменува дека се завршени и други предградежни активности и спецификации.

А.К.

Слично

Поврзани вести