Државата не мери колку троши струја, мазут, дизел и гас
Нема платформа за проверка колку струја троши јавниот сектор, не се прегледува ниту енергетската ефикасност на зградите во кои се сместени државните институции. Спопред извештајот на Агенцијата за енергетика во 2018 година не бил прегледан ниту еден надзор на издадените сертификати за тоа колку се енергетски ефикасни зградите, ниту пак имало контрола над извештаи за системите на греење и на климатизирање. Иако во претходните години тоа сепак било практика до некаде, како оправдување за минатата година се наведуваат нејасните регулативи како да се изведе тоа. Од Агенцијата очекуваат законот за енергетика и за енергетска ефикасност да го среди ова.
За минатата година нема информација колку и како ја трошеле, или пак е штедена, енергијата кај јавните државни органи, претпријатија, дирекции, општини и установи. Тоа целосно било оневозможено затоа што, велат од таму, не може да се обезбеди платформа за софтверот кој им го обезбедил УНДП. Вкупно 355 институции од јавниот сектор пријавиле свој енергетски админстратори за потрошената струја, мазут, дизел, гас и друг огрев, но немало заинтересирани економски оператори кои би обезбедиле ИТ-консултанти и опрема.
Не била ниту инсталирана мониторинг-платформата за следење на потрошувачката на енергија кај јавниот сектор иако е добиено софтверско решение од Германското друштво за техничка помош и бил обезбеден пристап до сервери. Ова решение не се имплементирало само затоа што не постоела законска обврска во постоечката регулатива, односно така гласи оправдувањето од Агенцијата за енергетика.
Агенцијата признава дека не може да се воспостави информациски систем, ниту пак е предвидена ставка за информатичка опрема за следење на потрошувачката на енергија во јавниот сектор.
Во извештајот е наведено дека лани со работа отпочнале три нови хидроцентрали во Велес, Кавадарци и Гевгелија. Немало ниту еден нов интересент за мерење на ветерниот потенијал. Вкупно до крајот на 2018-та кога станува збор за извори на обновлива енергија во Македонија се евидентирани 79 мали хидроцентрали, 102 фотоволтаични електроцентрали, еден ветерен парк и три централи на био-гас.
А.К.
