Државата место да изгради своја гасна централа, ќе му го купува целото месечно производство на ТЕ-ТО
Државата во изминатиот период не изгради, ниту пак започна со изградба на своја гасна централа, но затоа во јануари следната година најверојатно ќе го купи целокупното производство на електрична енергија од скопската ТЕ-ТО.
АД ЕСМ на 16 декември објави повик за снабдување на електрична енергија од 1 јануари до 31 јануари за потоа истата да му ја испорача на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по многу пониска цена заради целосно задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар.
На огласот е прифатена понудата на гасната централа ТЕ-ТО и тоа по 119,5 евра за мегаватчас и количина од 104.160 мегаватчасови. Тоа значи дека ЕСМ, според договорот, во текот на јануари ќе му исплати на ТЕ-ТО околу 12,5 милиони евра.
Практично ЕСМ ќе му ги обезбеди месечните приходи на ТЕ-ТО за електрична енергија. Оваа гасна централа јавно ги објавува месечните резултати на производство и продажба на електрична и топлинска енергија. Најголеми количини биле испорачани во минатиот месец неоември - 148.000 мегаватчасови. Месечниот просек на годишно ниво сепак е значително помал.
И оваа и претходната власт најавуваа изградба на когенеративни централи кои ќе работат на природен гас. Експертите велат дека за изградба на една е потребно време од четири години, но почетокот не е ни на повидок. Дури и да започнат да се градат, најавите се дека тоа ќе го направи странски инвеститор кој би управувал и со гасната мрежа. ЕСМ единствено ја поседува „Когел“, постројка на гас, но за производство на електрична и топлинска енергија во многу мали количини.
ТЕ-ТО е во сопственост на Project Management Consulting LTD од Девствени острови, а краен сопственик е Territorial'naya Generiruyushchaya Kompaniya од Русија. Друштвото има и лиценци за тргување со струја и природен гас.
А.К.
