Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата ќе продава стари горива

Државата ќе продава стари горива

Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви за 2019-та и предлага на државата да се ослободи од дел од старите вишоци на гориво, бидејќи нема место каде да го складира а оваа година ќе купува само дизел во количина од 23 милиони литри.

За да се избегне нарушување на квалитетот на складираното гориво Дирекцијата во годишната програма предвидува онбовување на задолжителните резерви на нафта со продажба, а Владата треба да одлучи за видот на горивото, цената и количината што ќе се продаваат.

Продажбата би се вршела по пат на јавно наддавање, а државата ќе ги сноси трошоците за испуштање на горивото, складирање на новото, транспортот и калирањето.

Дирекцијата за задожителни резерви на нафта и нафтени деривати за 2019-та на располагање ќе има 42,5 милиони евра свои пари, но ќе потроши само 14,5 милиони евра, односно оние кои ќе ги собере како надоместоци во текот на оваа година, додека останатите се непотрошена „резерва“ од изминатиот период.

820 милиони денари ќе се потрошат за купување на Еуродизел БС во делот на стратешки стоки и други резерви од капиталните расходи. Тоа се 23 милиони литри по цена од околу 35 денари литар.

Според енергетскиот биланс, во Македонија во 2018-та се потрошиле 705 милиони литри дизел во енергетскиот сектор, индустријата, сообраќајот и домаќинствата.

На крајот на 2018-та Дирекцијата имала 51,9 милиони литри, а на крајот на годината ќе има максимални 75 милиони литри под претпоставка Владата да не ги „дарува“ државните органи, агенции и јавни претпријатија.

Законски 13 милиони литри дизел, 7 милиони литри бензин и 5 милиони литри мазут ќе може да отстапи без надомест Владата за своите министерства, претпријатија, установи како и на општините, според проекцијата од она што го има Дирекцијата за задолжителни резерви задржано во складиштата за нафта и нафтени деривати.

Дирекцијата има околу 27 милиони литри бензин, 11 милиони литри лесно масло и 20 милиони литри мазут но нема да купува ништо од овие горива годинава затоа што има проблеми како и каде да ги складира.

За изградба на нови складишта засега не се размислува.

А.К.

Слично

Поврзани вести