Државата ќе им исплати милион евра на хидроцентралите што нема да се изградат на Шара
Државата ќе им плати отштета од еден милион и 51 илјада евра на четири фирми-инвеститори во мали хидроцентрали на Шар Планина само за да престанат да се градат откако подрачјето стана национален парк и да се откажат од концесијата.која ја добиле помеѓу 2011 и 2018 година.
Владата на седница одржана на 4 октомври годинава одлучи да ги раскине договорите и на концесионерите да им ги надомести трошоците што досега ги направиле во развојот на овие енергетски проекти што сега ќе мора да ги прекинат и напуштат.
„Гравис Хидро“ од Гостивар ќе добие најголем надомест од 600.000 евра. Околу 270 илјади евра ќе добие Трибека Хидро од Тетово. ЕМК Мали хидроелектрани од Скопје ќе добие нешто над 117 илјади евра, додека надоместот за Супер Ноува Енерги од Тетово е 65 илјади евра, објави „Призма“.
Фирмите се во сопственост на домашни и на странски инвеститори, кои имаат и други проекти со мали хидроцентрали, а освен во оваа дејност, дел од нив се вклучени и во изградба на станбени згради и во транспортниот бизнис.
