Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата ќе им ги плаќа фактурите на приватните компании за пократок рок: Дури за две години!

Државата ќе им ги плаќа фактурите на приватните компании за пократок рок: Дури за две години!

Владата планира да ги скрати роковите во кои ќе им се раздолжува на приватните компании, ама тоа ќе се случи постепено до дури 2025 година. Се подготвуваат измени на Законот за финансиска дисциплина кои предвидуваат намалување на рокот за исплата на долговите од јавниот кон приватниот сектор за по еден месец. Во моментов, односно според актуелниот закон, рокот за исплата од трезорската сметка на Министерството на финансии е 60 дена, додека за фактурите на Фондот за здравство рокот е 90 дена. Со измените кои се предвидуваат овие рокови се намалуваат за по 30 дена односно се сведуваат на 30 и 60 дена.

Намалувањето на рокот во кои државните институции ќе треба да им ги платат завршените работи или услуги на компаниите се прави за да се усогласи законодавството со ЕУ Директивата за задоцнето плаќање.  Сега законодавецот известува, а намерaта веќе е објавена и на ЕНЕР,  дека постепено од 2023 година, поради одредбите на Директивата и Македонија ќе почне да ги намалува роковите.

„Заради усогласување со роковите за исполнување на паричните обврски кои во Директивата за субјектите од јавниот сектор се утврдени на 30 дена односно 60 дена, од јануари 2023 година до декември 2025 година се предлага постепено намалување рокот за намирување на паричните обврски на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамките на трезорската сметка на Министерството за финансии од 60 дена на 30 дена и за субјектите од јавниот сектор чии сметки се во ФЗО од 90 дена на 60 дена, стои во предлогот.

Законот за финансиска дисциплина беше донесен со цел да сестави ред во плаќањето меѓу државата и приватните фирми, но и меѓу фирмите меѓусебно. Иако законски се предвидени санкции, компаниите малку си ги пријавуваат партнерите дека не им платиле во рокот. Сепак бизнисмените се жалат постојано дека практично едноставно овој закон не функционира. Континуирано се бараше измени и на Законот за извршување.

Што се однесува до долговите кои државата ги има кон компаниите, тоа во претходниот период беше акутен проблем. Фирмите се жалеа на неликвидноsт од неможноста да ги наплатат старите обврски токму од државните компании.

Во моментов, според податоци од Министерството за финансии, сите државни институции имаат долг од 144 милиони евра кон приватниот сектор. Нo ова се само доспеаните, а неплатени долгови.  Недоспаните обврски на јавниот сектор за оваa година кон приватниот „тежат“ плус 76,7 милиони евра. Има дополнителни обврски кои истекуваат и следната година, а тие изнесуваат 19,9 милиони евра.

Вкупниот доспеан долг на јавните институции и кон приватните фирми и кон јавниот сектор во моментов е 330 милиони евра.

А.Т.


Слично

Поврзани вести