Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата е муштерија кај двете најголеми приватни пензиски друштва, им должи 14,5 милиони евра за обврзници

Државата е муштерија кај двете најголеми приватни пензиски друштва, им должи 14,5 милиони евра за обврзници

Заедно контролираат повеќе од 90 отсто од вториот пензиски столб во Македонија, а истовремено добар дел од приходите ги остваруваат од каматите од државните обврзници како должнички хартии од вредност што ги купуваат од Министерството за финансии.

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Сава пензиско друштво а.д. Скопје поседуваат државни обврзници кои заедно се во вкупна вредност од околу 14,5 милиони евра. Ова е вкупен резултат од објавените финансиски извештаи за 2025 на двете приватни пензиски друштва на Македонска берза. Иако најголемиот дел од приходите доаѓа од придонесите, дел од заработката на двете компании доаѓа и од купувањето на државни обврзници.

 „Сава пензиско друштво“ има околу 6,5 милиони евра државни обврзници од кои дел се континуирани и расположливи за продажба, а дел е Еврообврзница која се чува до доспевање. „КБ Прво“ објави дека своите континуирани државни обврзници ќе ги чува до доспевање, а нивната вредноост на крајот од 2025 била 8 милиони евра.

„Континуираните обврзници доспеваат во период од 2025 до 2050 година и се со годишна каматна стапка од 2,20% до 5,35%“, објави „КБ Прво“, додека „Сава пензиско“ нема посебен коментар во извештајот освен тоа дека стапката на принос се движи од 2,44 отсто до онаа од 6,14 проценти за Еврообврзница.

Во извептајот на „КБ Прво“ пишува дека на годишно ниво во 2025 приходите од камати од хартии од вредност изнесувале околу 350.000 евра, додека кај „Сава пензиско“ нема прецизен податок за овој дел освен тоа дека вкупните приходи врз основа на камати од работењето се околу 650.000 евра.

Инаку во своите извештаи двете приватни пензиски друштва објавија дека оствариле добивка од 4,2 милиони евра (КБ Прво), односно 3,2 милиони евра (Сава пензиско). Според уделот во вкупните средства, КБ Прво има 48 отсто учество во вториот пензиски столб, додека „Сава пензиско“ е застапен со 43 проценти.

А.К.



Слично

Поврзани вести