Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата без загуби во 2021 од гарантирањето на кредитите

Државата без загуби во 2021 од гарантирањето на кредитите

Деловните банки во текот на 2021 не упатиле барање до Развојната банка за активирање на гарантната шема, односно не пријавиле проблем со невраќање на кредити од страна на деловниот сектор, а чие задолжување го гарантира државата како една од мерките за справување со економските последици од ковид-кризата. 

- При воспоставувањето на кредитно-гарантната шема која се потпира на Гарантниот фонд, работната група и консултираните меѓународни експерти поставија заштитни механизми на функционирањето на кредитно-гарантната шема, со што се обезбедува оддржливост на истата, на среден и долг рок. До моментов, во банката нема пристигнати барања за активирање на гаранции издадени од Гарантниот фонд, гласи одговорот од Развојна банка на СМ.

Кредитно-гарантната шема стана оперативна од септември 2021 година со гарантен потенцијал, како што информираат од Развојна банка, од 26 милиони евра за микро, мали и средни трговски друштва, како и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз. Покриваат 50 отсто за кредитите за основни средства, односно 80 за кредитите за тековни средства. Допрва треба да се анализира дали оваа мерка ќе ги зголеми кредитните пласмани на банките кон деловниот сектор за време на епидемијата.

- Развојна банка има издадено единаесет портфолио гаранции кон банки и штедилници со што, вкупниот гарантен потенцијал за новоодобрени кредити на микро, мали и средни трговски друштва изнесува 26 милиони евра. Банките и штедилниците во рамки на портфолио гаранциите можат да пријавуваат новоодобрени кредити за тековни или основни средства дадени на микро, мали и средни трговски друштва. 

Заклучно 31 декември 2021 година, Развојна банка има издадено и три индивидуални гаранции кон големи трговци кои вршат извоз, односно кај кои приходите од извоз учевствувале со повеќе од 30% во вкупните приходи. Преку индивидуалните гаранции се обезбедува поголема финансиска поддршка на извозните компании во земјата, брифираат од банката.

Министѕерството за финансии во последните денови од изминатата година на Развојна банка и префрли дополнителни 17 милиони евра. Од Буџетот, 5 милиони евра неповратни средства се обезбедуваат за Гарантен фонд, а дополнителни речиси 10 милиони евра за формирање Фонд за развој, со цел да се зголеми конкурентноста на фирмите и да се  поттикне извозот, технолошкиот развој и нови производи  

Околу 2 милиони евра се наменети за субвенционирање на каматите на компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година.

А.К.

Слично

Поврзани вести