Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Држава во држава“: Фондот за осигурување на депозити заработува дебело од обврзници и ќе дели плати од 1.000 евра

„Држава во држава“: Фондот за осигурување на депозити заработува дебело од обврзници и ќе дели плати од 1.000 евра

Фондот за осигурување на депозити, финансиска институција која чува 400-тини милиони евра во случај да и се одземе дозволата за работа и да пропадне некоја банка, филијала на странска банка или штедилница, целокупната добивка ја остварува од инвестирање во државни благајнички записи. Речиси со сите пари кои ги има, купува државни хартии од вредност на аукциите кои ги распишува Министерството за финансии. Од тоа заработува околу 15 милиони евра.

Во финансискиот план за оваа година на Фондот пишува дека вкупната состојба на инвестиционото портфолио на крајот на 2026 годината се планира да изнесува 25,58 милијарди денари и да порасне за 8 проценти во однос на 2025.

„Согласно инвестицискиот план за 2026 година, Фондот од инвестиции во нови записи ќе приходува вкупна камата во износ од 898.421 илјади денари (422.891 илјади денари во 2026 година и 475.530 илјади денари во 2027 година)“, запишано е во планот.

Проектираните приходи од камата од нови државни записи по просечна каматна стапка од 3,6 проценти се предвидени на вкупен износ од 898.421 илјади денари, односно 14,6 милиони евра, од кои поголемиот дел од оваа сума ќе биде чиста добивка за Фондот.

Главнината на средствата на Фондот доаѓаат од наплатата од деловните банки и другите финансиски институции на годишна стапка на премија од 0,25 отсто од депозитите. Државни хартии од вредност во кои инвестира се со рок на достасување од 364 денови, согласно календарот на аукции на Министерството за финансии. 

„Износот на вкупниот биланс на крајот на 2026 година ќе изнесува 25.393.477 илјади денари. Вкупниот биланс на крајот на 2025 година изнесува 23.483.375 илјади денари. Планиран е пораст од 1.910.102 илјади денари или 8,13%. Планираниот пораст на билансот најмногу се должи на учеството на државните записи во вкупната структура на средства. 

Деловната активност во 2026 година ќе резултира со добивка од 732.796 илјади денари (проекција за 2025: 692.312 илјади денари) или зголемување од 5,85% во однос на добивката проектирана за 2025 година. Добивката која ја остварува ФОД е резултат од каматите остварени од вложувањето во хартии од вредност.“, назначено е во документот.

Во 2026 година за плати за вработени ќе се поделат 32.500 илјади денари, односно околу 520.000 евра. Просечната основна нето плата на вработените во Фондот за осигурување на депозити за 2026 година ќе изнесува 61 илјади денари и предвидени се пет нови вработувања.

„Во оваа категорија, во планот за 2026 година се предвидува резерва од 1.000 илјади денари за посебни намени, во случај на потреба од остварување на право за парична помош на вработен при поднесување на трошоци за лекување на вработениот или на дете на вработениот, на кого поради болест му е препишана долготрајна терапија, операција или пресадување на орган. Категоријата трошоци за вработени опфаќа 5 нови вработувања на неопределено време согласно актите за систематизација и внатрешна организација, и тоа 1 извршител на работно место – советник и 4 извршители на работно место – помлад соработник со пресметана плата за 12 месеци. Во категоријата трошоци за вработени се вкалкулирани и трошоци за исплата на регрес за годишен одмор во вкупен износ од 1.000 илјади денари“, нагласено е во планот на осигурителниот фонд.

А.К.

Слично

Поврзани вести