Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дрон ќе го снима теренот на авионската несреќа-ЈО ги испитува другите двајца пилоти

Дрон ќе го снима теренот на авионската несреќа-ЈО ги испитува другите двајца пилоти

Со цел полесно да се утврди динамиката на движењето на леталото и да се открие начинот на кој дошло до несреќата, надлежните по барање на јавен обвинител ќе го снимаат теренот каде е најден паднатиот авион со дрон.

Од основното јавно обвинителство соопштуваат дека во тек е увид на местото на несреќата . Условите се тешко пристапни но се работи на утврдување на причините на авионската трагедија во која вчера попладне животот го загубија шест лица.

Со цел да приберат повеќе податоци и информации во ЈО на распит се наоѓаат двајца пилоти од Италија кои управувале со другите две летала и кои без проблем слетале вчера на скопскиот аеродром.

Како што соопштивме МВР и надлежните институции како и бројни полициски сили од раните утрински часови вршат увид на местото на вчерашната авионска несреќа во која загинаа сите шест патници во приватниот „Пајпер“ авион.

Досега надлежните пронашле два мобилни телефони, карти за патување, италијанска патна исправа, крило со една гума и метална електронска кутија.

Министерството за внатрешни работи информира дека преземените првични дејствија на терен стручната екипа формирана во текот на ноќта изутрината во шест часот се упатила кон местото на незгодата со цел продолжување на активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење на увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување докази на причините за авионската незгода и смрта на патниците.

Поради лошите теренски услови екипите пристигнале на терен во 10 часот и во 10:30 часот е започнато со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.

Во моментов на терен се  Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС.

Прочитајте ги и овие вести:

АВИОНСКА НЕСРЕЌА КАЈ КОЖЛЕ: Кој бил Франческо Монтањер?

Теренот на падот на авионот тешко прооден-МВР со детали за несреќата

Слично

Поврзани вести