Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Дрекселмаер“: Даваме плати 20% повисоки од минималните

„Дрекселмаер“: Даваме плати 20% повисоки од минималните
Една година по отворањето на фабриката во Македонија, германската компанија „Дрекселмаер“ вработува 4.400 луѓе, а овој број ќе се зголеми до 4.800, најавува менаџментот. Компанијата, која во изминатиот период беше во центарот на вниманието на јавноста заради незадоволството на работниците заради условите за работа и ниските плати, тврди дека е фер работодавач, кој на вработените им исплаќа „20% повисока плата од законски најниската во Македонија“. „Покрај платата Дрекселмаер групацијата на нејзините соработници во Кавадарци им нуди опсежни дополнителни услуги. Меѓу другото тоа се надоместоци за сменско работење, исплата на прекувремена работа, ноќна работа како и работа во недела и празници и медицинска грижа во седиштето. Околу 30 автобуси бесплатно ги превезуваат соработниците до нивните работни места како и до нивните домови. Соработниците, кои не живеат во непосредна близина на седиштето добиваат дополнителен надомест за патни трошоци“, информираа од фабриката. Менаџерите сепак одбиваат да кажат колкава е платата за истите работни места во Германија, затоа што платите зависеле од трошоците за живот. Потврдија дека вкупно 19 лица ги загубиле работните места затоа што учествувале во штрајкот за неисплатените дневници за Велигденските празници. „Нанесена е голема финансиска штета на претпријатието од нив. Штрајкот беше нелегитимен. Како што навреме ги исплаќаме платите, така треба да се почитуваат и договорите за работа“, појаснуваат директорите. „Подеднакво вработуваме и мажи и жени. Просечната старост на вработените е 31,48 години. Вработуваме и лица над 60 години. Ние сме најголем работодавец. Само за нето-плати исплаќаме 1,1 милион евра секој месец. Преку даноци државата добива 500 илјади евра. ’Дреклмаер‘ им дава работа на локални фирми во висина од 1,5 милиони евра годишно“, рече Ѓорѓи Тренковски, директор во фабриката. Од германската компанија велат дека одлучиле да инвестираат во Македонија заради комбинација на фактори - локацијата и добрата логистика, економскиот потенцијал и квалитетот на работната сила. Анализата на околината за инвестирање им укажала на квалитет и високи работни навики на луѓето. Дополнително, со цел да се заштитат интересите на вработените, компанијата стимулира нивно организирање и поставување на нивни претставници за разговори со менаџментот. Вработените можат да закажат и термини за советување, во случај да има нејасни работи во врска со нивната плата, информираат од „Дрекселмаер“. Транспарентноста во Дрекслмаер Групацијата ја потврдил минатата недела и Државниот инспекторат на Министерството за труд кој направил увид на пресметката на плата за 2014 во фабриката во Кавадарци. Во официјалната изјава стои: "Пресметката на нето плата и дополнителни исплати за работа во ноќна смена и за време на празници се исплатени и пресметани според закон", соопштуваат од германската компанија.
Слично

Поврзани вести