Драстично влошена здравствената состојба на професорите кои штрајкуваат со глад
Здравствената состојба на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои веќе две недели штрајкуваат со глад, од утрово е драстично влошена, при што морала да интервенира и медицинска екипа.
Кај професорите лекарите утврдиле тахикардија, вртоглавици и зголемено ниво на шеќер во крвта како последица на долготрајното изгладнување, па биле принудени да им дадат инфузија.
Веќе 14 дена професорите штрајкуваат со глад, незадоволни затоа што наспроти препораките на рецензентската комисија, Факултетот не ги унапредува во повисоко звање. Од вторникот кон штрајкот со глад се приклучија уште 50-тина професори и наставници од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Пред влошувањето на здравствената состојба, професорот Крсте Шајноски во колумна за Фактор му порача на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ дека неговиот последен предлог за решавање на статусот на тројцата професори на Економскиот факултет е незаконски.
„Предлогот е надвор од постојната регулатива за избор во повисоки звања на Универзитетите. Па, дури и кога би го прифатиле, тој нема правно дејство и може да се оспорува. Меѓутоа, за волунтаристите таквото решение би станало преседан со кој се „гиљотинира“ постојната законска регулатива и би им се отворил простор за самоволно, автократско однесување на Универзитетот“, вели Шајноски.
Целата колумна можете да ја прочитате на следниот линк:
РЕКТОРЕ: не можете со незаконски решенија да отстранувате незаконски дејствија
Слично
