Економија, финансии, бизнис

Контакт

Драматичен раст на цената на Фершпед, обвинувањата за беззаконие се продлабочуваат!

Драматичен раст на цената на Фершпед, обвинувањата за беззаконие се продлабочуваат!
За помалку од еден месец цената на акцијата на Фершпед се зголеми за 2,7 пати. Односно пред нешто помалку од еден месец една акција на Фершпед чинеше 60.100 денари, а вчера достигна цена од 166.284 денари. Битката за превласт во компанијата меѓу Кираца Трајковска и Штерјо Наков, ја вивна цената на акцијата. Од Македонската берза за Фактор велат дека тие внимателно ги следат случувањата. „Во врска со тековните случувања околу тргувањето со акциите на Фершпед АД Скопје примарна задача на Берзата е да обезбеди фер и уреден секундарен пазар на хартии од вредност. На инвеститорите моментално им се јавно достапни соодветни информации објавени како од самото друштво, така и од определени поголеми акционери во друштвото, врз основа на коишто можат да се донесуваат адекватни одлуки за купување, продавање или воздржување од тргување. Истовремено, тргувањето на Берзата се одвива според прецизно утврдени Правила за тргување, одобрени од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, со кои се запознаени сите учесници на пазарот на хартии од вредност, велат за Фактор од Македонската Берза. Вчера пак дел од странските акционери во Фершпед побараа странски ревизор да го испита работењето на компанијата. Тие излегоа со обвинувaње дека дел од мнозинските акционери со пари од брокерската куќа „Фершпед Брокер“ купувале акции во „Фершпед“, без при тоа да ги платат. Венцислав Гушев, кој е застапник на странскиот инвеститор од Кипар Квест Инвестмент, тврдеше дека менаџментот на Фершпед давал милионски суми како позајмици на физички и правни лица кои пак никогаш не се вратени. „Од увидот во документацијата со која ние располагаме непосредно произлегува злоупотреба на моќта на голем број на акции и права кои се стекнати со пренос од татко на син со правно дело. Така со ова самољубие се оди во АД „Фершпед брокер“, чиј основач е АД „Фершпед“, се купуваат акции, но не се плаќаат. Сето тоа се случува во 2009 година, а веќе во 2011 година претседателот на УО на „Фершпед Брокер“ потпишува одлука со која ги брише обврските и ги ослободува од плаќање двајцата по број први акционери во Друштвото. Ова е само еден податок, односно тоа е само една алка од неправилностите во работењето. Исто, менаџментот на „Фершпед“ давал и парични позајмици кои изнесувале неколку милиони евра на физички и на правни лица кои никогаш не се вратени“ , изјави Гушев. Иако прес конфренција беше најавена дека ќе се одржи во просториите на хотелот Александар Палас сепак адвокатот Гушев изјавата ја даде пред вратите на хотелот. Според  Гушев, откажувањето на салата во последен момент зборувало и за акционерската култура на претседателот на Надзорниот одбор Штерјо Наков. „Тоа е дел од акционерската демократија на Штерјо Наков. Иако уредно плативме за одржување на прес конференцијата, таа ни е откажана. Ја плативме салата, плативме кафе и чај, а потоа ни беше откажано. Немало струја! Се надевам дека во Охрид ќе има струја, додаде Гушев. Штерјо Наков, пак ги негира обвинувањата. „Фершпед работи законски, а секако тоа се гледа и од успешноста на компанијата. Воопшто не е точно дека сме давале такви позајмици, не е точно дека сме вршеле притисок врз акционерите за потпишување на бланко полномошна. Со целава состојба се прави вештачка клима, бидејќи некој смета дека ја губи позцијата. Лично јас на собранието ќе гласам за истите членови на Надзорниот Одбор, па и за Кираца Трајковска, вели Наков. Вонредното акционерско собрание е закажано за на 10-јануари следната година. Тогаш ќе биде познато дали ќе има промени во структурата на менаџментот на компанија. Според податоците Штерјо Наков со неговите синови поседува 25 % од акциите во Фершпед, Кираца Трајковска поседува 10,6 %, Драгослав Димевски има 5%, а странските инвеститори кои ги застапува адвокатот Венцислав Гушев имаат околу 2,8% од акциите на Фершпед. Останатиот дел е во рацете на помалите акционери. Н.С.
Слично

Поврзани вести