Драма на аеродромот во Сплит: Авион излетал од пистата при полетување, нема повредени
На аеродромот во Сплит денеска попладне се случил инцидент кога авион на компанијата „Кроација ерлајнс“ излетал од пистата за време на полетување.
Станува збор за авион Ербас А220-300, со регистрациски број 9A-CAN, кој требало да го реализира редовниот меѓународен лет OU412 на релација Сплит – Франкфурт.
Според информациите што ги потврдија од Аеродромот Сплит, инцидентот се случил околу 13:30 часот. Авионот, од засега непознати причини, скршнал од пистата при полетување и завршил со едната страна на тревната површина покрај пистата. Притоа биле оштетени вертикален маркер и рабни делови на пистата, пренесуваат медиумите од соседството.
Во авионот, според аеродромот, имало 132 патници и пет членови на екипажот, кои веднаш биле безбедно евакуирани. Од „Кроација ерлајнс“, пак, соопштиле дека во авионот имало 130 патници и пет членови на екипажот, односно двајца пилоти и тројца членови на кабинскиот персонал. Компанијата нагласи дека никој не е повреден.
U zračnoj luci Split dogodio se incident u kojem je avion Croatia Airlinesa pri polijetanju izletio s piste. Zrakoplov se zaustavio na travnatoj površini pokraj uzletno-sletne staze. Zbog tog incidenta odgođeni su brojni dolasci i odlasci.https://t.co/47QVXGBndJ
— HRT Vijesti (@hrtvijesti) May 16, 2026
- Сите патници и членови на екипажот се добро и никој не е повреден. Според првите достапни информации, екипажот, постапувајќи во согласност со пропишаните безбедносни процедури, го запрел авионот - соопштија од „Кроација ерлајнс“.
Патниците го напуштиле авионот и се наоѓаат во терминалната зграда на аеродромот во Сплит, каде им се обезбедува поддршка за продолжување на патувањето.
Од Аеродромот Сплит соопштија дека соработуваат со надлежните хрватски воздухопловни и истражни институции, кои се известени за инцидентот. Техничките служби работат на отстранување на авионот од пистата.
Фото: Принтскрин/Икс
