Драконски казни и глоби: воспитна мерка или испумпување пари од фирмите и граѓаните?
Владата го повлече од собраниска процедура Прелог-законот за прекршоци. Опозицијата прогласи извојувана победа, бизнисмените преку платен оглас порачаа дека казните се неприфатливи, а експертите порачуваат – “да“ за фискална дисциплина, но не и за модел што на фирмите ќе стави клуч на врата.
Со предложениот, сега повлечен предлог-закон, се предвидуваше пораст на глобите што се изрекуваат на “лице место“ од 200 на 500 евра, глоби за физички лица до 2 000 евра а за правни до 3 000 евра. Она што беше новина е предлогот за казни на компаниите, во вредност од 1% до 10% од остварените приходи. Во дел од законот, се предвидуваше и решение за целосно “поништување“ на возачките дозволи во одредени случаи на сообраќајни прекршоци.Предлогот е повлечен, опозицијата и власта мерат мускули :
Во неможност да обезбеди двотретинска поддршка за предложеното законското решение за кази и глоби за граѓаните и фирмите, Владата засега го повлекува Прелог-законот за прекршоци. Се огласи опозицијата, прогласи победа во оваа епизода на “собраниската битка“.
“СДСМ ги присили Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат енормните казни во Законот за прекршоци, што достигнуваат и до десетици илјади евра. СДСМ постојано инсистира и сегашните казни да се преполоват, а ВМРО-ДПМНЕ понуди законско решение со двојното и тројно зголемување на казните за граѓаните, во услови на невидена сиромаштија досега. Замислете, за обичен прекршок, делата да не застаруваат до 10 години!“ – изјави пратеничката Ана Павловска-Данева и додаде:
“Ние, пратениците на СДСМ, од првиот момент го одбивме овој неразумен потег на власта и кажавме дека ваквото решение нема да биде изгласано. Како резултат на нашиот притисок, Владата го повлече Законот за прекршоци. СДСМ ги заштити интересите на граѓаните“. Она што СДСМ го нарекува победа е – злоупотреба, возвратија од владеачката ВМРО – ДМПНЕ. “Очигледно СДСМ од дневнополитички побуди реши да ги кочи измените на Законот за прекршоци. Тие ниту тогаш, ниту сега имаат одржлив аргумент против ваквите измени. Тоа значи дека СДСМ не нé разубеди, туку го злоупотреби фактот дека овој закон се носи со двотретинско мнозинство" – велат од партијата на власт. Тврдат дека предложените законски решенија се модел кој функционира секаде во светот и е во интерес на граѓаните, компаниите и институциите. “Измените предвидуваат санкција да може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, со што многукратно ќе се олесни и растовари работата на Управниот суд. Исто така, се предвидува второстепен орган во постапките по жалбите на одлуките на прекршочните комисии, за која како и за сите останати органи кои одлучуваат по прекршоците, се предвидени кратки и точно определени рокови за одлучување. Покрај другите измени, се предвидува и воведувањето одредби за општокорисна работа. “ – пишува во реакцијата на владеачката партија. “ По громогласниот аплауз – критики : Поддршката што бизнисмените и ја дадоа на Владата за засилување на фискалната дисциплина се преточи во критика. По септемврискиот годишен говор на премерот Груевски пред бизнис-елитата, стопанствениците со аплауз ги поздравија најавите за инвестиции, кредитирање и засилување на финансиската дисциплина. Дваесеттина дена потоа – преку платен оглас во весниците, осамна порака: “Казните предвидени со Законот за прекршоци, се неприфатливи“. Стопанствениците од Стопанската Комора на Македонија оценуваат дека висината на казните е голема и неиздржлива. Во платениот оглас пишува: “Бизнис-заедницата не може да ја прифати новата одредба на Предлог-законот за прекршоци, за одредени прекршоци глобата може да биде изразена и во процентуален износ од 1-10% од вкупните приходи на правното лице остварени во преходната година. Постигнувањето на поголема сразмерност во казнувањето, како цел на глобата во процентуален износ, бидејќи досега иста висина на глоба е изрекувана на правни лица кои остваруваат огромни приходи и на оние кои остваруваат минимални приходи, во целост не е прифатливо.“ – пишува во огласот и се додава : “За бизнис-заеницата спорни се и одредбите според кои за прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба до двоен износ од максимумот на санкцијата или во сразмер со висина на причинетата штета или прибавената корист, најмногу до десеткратен износ“ – оценуваат бизнисмените. Од Стопанската Комора порачуваат дека со предложеното законско решение повеќе би се нанаело штета на бизнисот отоколку што би се запазила воспитната функција на казнувањето. “Да“ за фискална дисиплина, но “Не“ за затворање на фирмите: Добар потег е тоа што што владата бара начин како да ја зајакне фискалната дисциплина, но тоа не смее да се прекрши врз грбот на граѓаните и на фирмите – оценува експертската јавност. Приватниот сектор сеуште ја преживува кризата и секое зголемување на казните во вакви услови може да биде контрапродуктивно, објаснува професорката Марија Зарезанкова – Потевска. “Власта сака да воведе фискална дисциплина и тоа е во ред. Но во неразвиено стопанство кое сеуште се соочува со последиците од кризата, не може фирмите да се дисциплинираат со зголемени давачки. Сметам дека во вакви услови мора да има поголема флексибилност“ – оценува прфесорката Потевска и додава: “Без финансиска дисциплина не е можно функционирање на вкупниот систем, но мора да се земат предвид кризните околности зошто постои опасност да се нанесе поголема штета доколку фирмите, наместо да работат – се затвораат поради неможност да ги сервисираат обврските“ – оценува професорката.Како показател дека финансиката кондиција на фирмите и на граѓаните се влошува, според неа се и показателите кои упатуваат на континуиран пораст на блокирани сметки.
Според најновите податоци од Народната Банка, заклучно со септември, бројот на блокирани фирми и граѓани достигна 78 303. Од нив скоро 41 000 се блокирани правни лица а останатите, повеќе од 37 000 се блокирани граѓани. Од почетокот на годинава до септември бројот на новоблокирани се зголеми за 8 000 граѓани и фирми.
Во деветтиот месец од годинава бројот на блокирани сметки пак се искачи на 167 100, пришто се забележува голем пораст кај блокираните сметки на граѓаните.
Д.А.