Драган Тевдовски се враќа како професор на Економскиот факултет: Ми велат „Браво и главата горе“
Драган Тевдовски синоќа даде краток коментар на својот профил на Фејсбук по неговото разрешување на собраниската седница како министер за финансии и порача дека се враќа повторно на професорскиот ангажман на економскиот факултет.
„Чест ми е што ја водев најдобрата институција во земјава. Се гордеам што имав одличен тим со кој не се плашев да влезам во ниту една битка. Благодарност до вработените во Министерството за финансии што беспоштедно работеа да ги спроведеме реформите.
Најголемата награда за мене за овие две години, доаѓа деновиве кога насекаде граѓани ме застануваат и ми велат: „браво и главата горе”. Тоа е за мене најдобриот начин да се излезе од едно министерство. И затоа со главата горе и целосно посветен се враќам на Економскиот факултет“, напиша Тевдовски на социјалните мрежи.
Со Министерството за финансии неформално ќе раководи премиерот Зоран Заев додека се расчисти дилемата дали официјално може да ги обавува и двете функции, по реакцијата на Комисијата за спречување на корупција непосредно пред почетокот на собраниската седница.
