Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Јавниот сервис да се врати на новинарите и на граѓаните!

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Јавниот сервис да се врати на новинарите и на граѓаните!
Политиката да се дистанцира од Јавниот сервис, а да се казнуваат тие кои го злоупоотребуваат. Се додека јавниот сервис е предмет на политички и партиски договор, а не на еснафите – не можеме да зборуваме за најповолен избор и формат. Јавниот сервис мора да се врати на новинарите и на граѓаните, вели новинарот Драган Антоновски, кој беше дел од новинарскиот-уредничкиот тим во МТВ. Тие што создаваат проблеми, не можат да бидат решение за проблемот Фактор: Слободата на медиумите – реформа на МТВ – како дел од Договорот во Пржино. Се смета дека ова ќе биде едно од потешките прашања за кои ќе мора да се постигне договор. Каков формат и содржина на јавниот сервис очекувате дека ќе биде договорен? Антоновски: Кога го договараат политичари и партии,  веројатно, политички и подложен на притисоци. Кога би го  работеле тоа еснафските  здруженијата и признати медиумски експерти и новинари, тогаш  би можеле да зборуваме за најповолен избор и формат. Ако се придодадат на тоа и меѓународите искуства и практики, сигурно би можеле да зборуваме за решение во интерес на сервис на граѓаните, а не мегафон и гласило во интерес на политичките елити и власта. Она што суштински му е потребно на јавниот сервис е да го ослободите од партиските и политичките притисоци и МРТВ да им ја вратите на новинарите  и  на граѓаните. Фактор: Се појави и шпекулативен предлог за формирање  втор “опозициски ТВ канал “ на јавниот сервис. Дали ова може да биде решение за балансирано известување? Антоновски:Ова може да биде само глупост и потврда дека тие кои ќе  предлагаат решенија, всушност, се изворот на проблемот. Тие кои создаваат проблеми никако не можат да бидат дел од решението. Ваков предлог,  фифти-фифти на јавниот сервис владин и опозициски канал на државен канал, ако е вистинит,тогаш е дебилен предлог за професијата и  не му е целта професионално,  точно и навремено информирање, туку само две вистини на поделено општество и официјализирање на немоќта и немањето капацитети да се сфати МРТВ како јавен сервис.  На тој начин предлагачите покажуваат што подразбираат под јавен сервис, а тоа е  партиски мегафон и новинарски слуги, партиски војници  кои потоа ќе можат да добијат некое амбасадорско место, или некој, стан, дуќан или бизнис. Нема две вистини една за СДСМ, друга за ВМРО –ДПМНЕ, трета за ДУИ и следна за ДПА. Една е вистината и точната информација, другото се вика лага, и  ваква поделба е гаранција за лажење и дотепување на професијата. Мора да се врати вистината и достоинството во професијата. Фактор: Во услови на голема финансиска зависност на јавниот сервис од власта, дали може да зборуваме за “политичка“ независност? Како јавниот сервис може да се одлепи од етикетата на “пропагндна машинерија“? Антоновски: Само професионалност во пристапот, контрола  и казни за  тие кои го злоупотребуваат јавниот сервис,  или  поконкретно   изборот  на новинарскиот кадар да не го прават партиите,  да се дистанцира политиката од јавниот сервис, да се остават новинарите да ги креираат содржините, а не гебелсовските центри на партиите и бизнисмените. Мора да се направи разлика што е државен, а што интерес на влада и владејачка партија- тоа не оди заедно и не е исто. Мора да се знае дека се работи во интерес на непристрасно и професионално информирање на граѓаните, а не пропаганда на една или на друга партија. Една димензија е решавање  на финансирањето на куќата, а друго прашање е професионалност на новинарите и на уредниците. Да се почитува новинарскиот кодекс, но не само да се закачи на ѕидот туку и да се санкционираат прекршителите. Во контролата  не може клучна позиција да имаат партиите, најмалку власта, туку мора да бидат вклучени  медиумската заедница  и професионалците и домашни и странски.  Има многу применливи решенија ако има волја граѓаните да бидат точно информирани, а не лажени и прелажени од секоја власт.
Слично

Поврзани вести