Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДПА молчи по исклучувањето на Села, тој не бара друга партија

ДПА молчи по исклучувањето на Села, тој не бара друга партија
Молк во ДПА по вчерашното исклучување на струшкиот градоначалник Зијадин Села и на претседателот на партискиот огранок во Струга Лавредим Елмази. Лидерот на партијата Мендух Тачи попладнево токму во Струга отвараше изборен штаб и ја презентираше програмата на неговиот претседателски кандидат Илијаз Халими. На средбите со граѓаните го придружуваше и Зија Јонузи, носителот на ДПА во 5-тата изборна единица, заради кого настана конфликтот меѓу Тачи и Села. Во дел од својот говор пред локалното население, Тачи се обиде да образложи зошто го избрал токму Јонузи за носител на кандидатската листа, и покрај спротивставувањето на високите партиски функционери од Струга. „Многу бизнисмени би сакале да се кандидираат за пратеници во изборната единица 5, па дури и ми нудеа 100.000 евра за да ги ставам за носители на оваа листа. Јонузи не мораше да ми даде ниту пет евра, затоа што тој има морален авторитет“, рече Тачи. Струшкиот градоначалник Села најавува дека утре на пресконференција во Струга ќе го образложи своето спротивставување на Јонузи и одлуката на струшкиот огранок да го замрзне учеството на овие избори. Близок соработник на Села за Фокус изјавил дека тој нема намера да ја напушти партијата, туку како еден од основачите ќе се бори и понатаму. „Засега, нема шанси за формираме нова партија, како што сторија многу поранешни функционери на ДПА по недоразбирањата во партијата. Ние сме ја основале и граделе партијата и не се откажуваме така лесно од неа. Иако дел од нас формално не се дел од партијата по исклучувањата, ќе најдеме начин како да се бориме понатаму“, изјавил за Фокус претставник на струшкиот огранок на ДПА, кој сега целосно е дистанциран од лидерот Тачи. Според дел од експертите, исклучувањето на високите партиски функционери Села и Елмази, во екот на изборната кампања, може да се одрази негативно на ДПА, која на овие избори се обидува да се претстави како можна алтернатива на ДУИ во владејачката коалиција. „Села направи еден имиџ во албанскиот електорат, а неговиот имиџ е добро прифатен и надвор од партијата, така што тоа ќе се одрази и на самите резултати кои ќе ги постигне ДПА“, изјави политичкиот аналитичар Исмет Рамадани за Радио Слободна Европа.
Слично

Поврзани вести