ДПА ги обвини ДУИ за криминал со набавката на нафта во Министерството за одбрана
Без тендер, со договор во четири очи, Фатмир Бесими од позиција на министер за одбрана, склучил договор со компанијата „Пуцко Петрол“ за набавка на мазут за Министерството, обвини денеска ДПА.
Според податоците што ги презентираше партијата на Тачи, набавката била вредна 56 милиони денари, за кои требало да се набават 1,2 милиони литри мазут.
„За овој договор не е отворена постапка за јавна набавка (тендер), туку договорот е склучен со преговори во четири очи, без претходно да биде објавен конкурс. Фактот дека ДУИ е длабоко навлезена во криминал и корупција никој не го оспоруваа, ние како ДПА само го документираме истиот“, велат од ДПА, од каде додаваат дека „цената за криминалот на ДУИ секојдневно ја плаќаат албанските граѓани кои живеат во Македонија“.
Од Министерството за одбрана се огласија со соопштение во кое се тврди дека нема ништо незаконско во набавката на мазут од „Пуцко Петрол“ во времето на претходниот министер Бесими.
„Прес-конференцијата на ДПА е политички мотивирана со клевети за да им служи на нивната изборна кампања во недостиг на своја политичка понуда за граѓаните. Презентираните информации на ниту еден начин не кореспондираат со реалноста, односно како и за секоја постапка, така и за конкретниот случај во кој се повикуваат на прес конференцијата се почитувани сите законски норми“, се наведува во демантот.
Договорот претходно бил склучен со друга компанија „Алма-Комерц“ која не можела да ги исполни обврските, по што Министерството за потребите на одбраната било принудено да склучува договор според законската постапка предвидена за итни и непредвидливи ситуации.
„Иако според Законот за јавни набавки (член 165 , став 2) е можно да се потпише договор со „Пуцко Петрол" како втор рангиран по „Алма Комерц" по истата цена на 1,9 денар/кг., сепак, за да се здобиеме со подобри услови и пониска цена, беше организирана транспарентна постапка за јавно наддавање за пет понуди („Макпетрол“, „Лукоил“, „Окта“, „Пуцко Петрол“, „Петрол Алми“). Имаше две понуди и најповолната цена беше понудена од „Пуцко Петрол“ во вредност од 0.687 денари/кг“, појаснуваат од Министерството.
Слично
