Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дознаките од странство затвораат 90% од трговскиот дефицит

Дознаките од странство затвораат 90% од трговскиот дефицит

Еден од најголемите проблеми на македонската економија е високиот трговски дефицит. Редовните минусни салда во надворешно-трговската размена во изминативе децении не се проблем само на Македонија, туку на сите земји што произлегоа од поранешна Југославија, освен Словенија, која, пак, е единствена што повремено бележи позитивни бројки во надворешната трговија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит во периодот од јануари до август 2015 година изнесува 1,1 милјарда евра. Вкупната вредност на извозот на стоки во Македонија во тој период е 2,6 милијарди евра, а вкупната вредност на увозот е 3,7 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари - август е 70 отсто, покажуваат податоците на ДЗС.

Професорот на „Американ колеџ“, Марјан Петрески, вели дека трговскит дефицит во Македонија е структурна појава и бара реални решенија.

- Од една страна ние сме многу увозно зависни, а од друга страна, не создаваме доволно висока додадена вредност кој би можеле да ја извезуваме и со тоа да го покриеме големиот трговски дефицит - потенцира Петрески.

Според него, извозот може да биде поголем само ако е поконкурентен, а ќе биде поконкурентен ако извозниците се во постојана потрага по зголемување на додадената вредност на производите што ги произведуваат и извезуваат.

Но и парите што дијаспората ги испраќа во Македонија се клучни за платнобилансната нерамнотежа.

- Со оглед дека дознаките затвораат 90 отсто од трговскиот дефицит, тие се клучни за макроекономската стабилност на земјата. Доколку ги нема, финансирањето на трговскиот дефицит ќе биде голем проблем - истакнува професорот.

Петрески додава дека дефицитот може да се намали само на долг рок, првенствено преку подобрување на конкурентноста на економијата за што се потребни поинтензивни структурни реформи, како и преку подигање на додадената вредност на производите, за што се потребни инвестиции и иновации.

Поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески, вели дека состојбата со трговскиот дефицит е наследена од претходниот систем, од Југославија, во која Македонија беше производител на суровини и полуфабрикати за другите републики.

- Иако направивме малку за постепено намалување на трговски дефицит, сепак сме многу далеку од решавање на реалниот проблем - вели Трпески.

Режимот на девизниот курс е еден од факторите за постигнување на намалувањето на дефицитот, смета тој, објаснувајќи дека нашето стопанство е увозно зависно.

- Ништо не променивме за да се преструктурира во извозно ориентирано. Со политиката на девизниот курс се прави обратно, се стимулира увозот, а се дестимулира извозот. Ако се зголемува дефицитот, тоа ја доведува под прашање макроекономската стабилност. Сепак, благодарение на дознаките од странство се затвора дефицитот во поголем дел - објаснува Трпески.

Тој додава дека со влез на странските компании, кои се повисокотехнолошки и кои го зголемуваат извозот доаѓаме до намалување на трговскиот дефицит.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести