Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОСТА СО ПРИВИЛЕГИИ ЗА МАЛА ГРУПА СТУДЕНТИ: Ни треба стандард, квалитетни студии и закони!

ДОСТА СО ПРИВИЛЕГИИ ЗА МАЛА ГРУПА СТУДЕНТИ: Ни треба стандард, квалитетни студии и закони!
Бесплатно студирање, користење на универзитетскиот простор, мирување на студиите, студентско учество во управувањето на универзитетот,  спречувањето на корупција и заштитата на студентските права, како се распределуваат финансиите од давачката ИИКСА  која студентите ја плаќаат на почетокот на своите студии -ова се само дел од темите кои неколкумина студенти-ентузијасти ги отворија преку неколку  анимирани видеа за студентските права „Студенту, ти треба да знаеш”! Но прашање е според нив дали и колку студентите сакаат да знаат што всушност се случува околу нив и дали некој  ги штити нивните права. Авторката на текстовите Александра Живковиќ, проектен координатор за високо образование од Младинскиот образовен форум, за Фактор вели дека голем број од студентите знаат за овие проблеми бидејќи директно ги чувствуваат на своја кожа, но добар дел не се запознаени ниту со правната регулатива ниту со можноста како идни академски граѓани да се заштитат  за време на студиите. Видеата, вели Живковиќ, целат да ја зголемат информираноста на студентите во Македонија, за нивните права и обврски и да ги поттикнат навремено да реагираат кога на универзитетот се појавуваат нечесни појави. Студентите,  порачува таа, мора да имаат  проактивен став во подобрувањето на високото образование во Македонија. “Најпрво, кај нас не се следат состојбите со психо-физичкото здравје на студентите, како и нивните економските активности и потреби. Понатаму, единствените мерки во оваа сфера се поевтиниот превоз за студенти, стипендиите кои ги доделува МОН на студентите кои имаат висок успех и, од неодамна, ваучерите за таблети. Овие политики придонесуваат минимално кон подобрувањето на квалитетот на живот на студентската популација”-вели Александра Живковиќ од МОФ. Студентски стандард! На повеќето развиени западни универзитети оваа област, додава,  се смета за прилично важна. Па така, на универзитетите владее максимата дека задача на државата и на самата високообразовна инситуција е да му обезбедат на секој студент, без разлика на неговата позадина и лични сфаќања, најдобри услови за да постигне високи резултати и да ги оствари своите амбиции. Законот за студентски стандард опфаќа само еден сегмент од оваа сфера-студентските домови, и не нуди никакви политики поврзани со останатите области кои го гарантираат квалитетот на живот на студентите. Студентскиот стандард е една многу поширока тема, за која кај нас, вели  изостануваат сериозни политики. “Ова опфаќа грижа за тоа каква храна се служи во бифеата на факултетите и универзитетските мензи, оптеретеноста на студентите и квалитетот на спиење, обезбедувањето богат културен живот, прилагодување на просторите за учење кон потребите на студентите, отварање посебни психолошки катчиња каде студентите можат да разговараат за своите проблеми и да побараат стручна помош, како и центри кои се грижат за потребите на специфични студентски групи (малцинства, припадници на ЛГБТ заедница, жени итн.). Уште повеќе, се обезбедуваат така наречени орентациони курсеви, преку кои студентите се запознаваат со средината во која ќе студираат, јазични курсеви за студентите чии мајчин јазик не е оној на кој ќе студираат, и им се  дава можост да разговараат со постари студенти, но и професори со цел добивање практични совети за времето кое ќе го минат на факултетот”-додава Живковиќ. Овој пристап во Македонија, вели за жал е многу години назад, особено што дел од студентите сеуште живеат во мизерни услови во студентските домови, немаат соодветни услови за учење,стравуваат отворено да зборуваат поради силни притисоци, замижуваат пред проблемите и корупцијата,  а рекреацијата и културно-забавниот живот за нив се минимални. “Важноста на студентскиот стандард може да се согледа на две рамништа. Најпрво, градењето на здрави животни навики за време на студиите, ги стимулира студентите да продолжат и понатаму да се грижат за себе и истото да го пренесуваат на идните генерации. Понатаму, со обезбедувањето на здрава и продуктива средина за студентите, тие се поттикнуваат да бидат покреативни, позаинтересирани за своите студии и проактивни кон учеството во активностите на универзитетот”-нагласува авторката на видеата изработени за студентите. Нов Закон за високо образование?! Кога, по која пат?! Она што според неа е најважно за сегашните и идните студенти е повторно да се актуелизира изработката на нов Закон за високо образование бидејќи како што вели без соодветна регулатива, и без квалитетна подлога е тешко да се очекува носење на квалитетни политики. Носењето на нов Закон за високо образование, објаснува  е поврзан со уште еден многу важен процес од оваа сфера, а тоа е носењето на нова Национална програма за образование во Македонија, каде подетално се уредуваат мерки за основното, средното и високото образование. “Постоечкиот закон, од носењето во 2008-та година, па до сега е менуван 13 пати, што покажува дека истиот не кореспондира со потребите на високообразовните институции, и дека е потребна евалуација на состојбите и нудење модерни решенија.Сметам дека е потребна и поголема заинтересираност и инсистирање на високообразовните институции, и поголемо учество на академската заедница за создавање подобри политики кои ќе донесат вистинска позитивна промена во високото образование, вклучително и студентското организирање”-додава  координаторката за високо образование од МОФ. Студентите заслужуваат здрава и продуктивна средина! Отварањета на нови студентски домови, и реновирање на постоечките е дел од политичките програми и партиски ветувања на двете најголеми политички партии во Македонија со години наназад. Сепак, во оваа сфера вели координаторката за високо образование од МОФ,  е направено многу малку, и генерации студенти своите студентски денови ги имаат минато меѓу мувлосаните ѕидови на собите, без парно во студентските домови. Обезбедувањето на подобро место за живеење на голем број студенти, според неа  не треба да биде сфатено како начин за прибирање политички поени, туку како обврска на државните институции спрема таа категорија на граѓани. “Реновирањето на еден од блоковите на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, е за поздравување. Сепак, она што праксата покажува коруптивните дејствија се сеуште застапени во  студентските домови. Така, студентите кои се наклонети на одредена политичка партија добиваат легло во подобро уредените студентски домови, или пак во деловите кои се реновирани. Застрашувачки е дека во ова учествуваат и самите студенти станари, кои се организирани преку Студентскиот парламент на УКИМ.   Така, и во овој случај постои опасност ова да се случи”-додава Александра Живковиќ. Во насока на ова, таа порачува дека подобрувањето на условите во студентските домови треба да опфати и едукација на студентите за корупцијата, засилени мерки на претпазливост, анонимно пријавување на коруптивни случаи, воспоставување на демократски форми на студентски претставнички органи во домовите кои ќе работат во насока на вистинско подобрување на условите, отколку обезбедување на привилегии само за мала група студенти. С.Б.
Слично

Поврзани вести