Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОСИЕ ВЛАДИМИР ПУТИН: Цар на 21-от век?

ДОСИЕ ВЛАДИМИР ПУТИН: Цар на 21-от век?
За многумина тој е цар на 21 век. Владимир Путин сета власт ја префрли во претседателскиот кабинет - владее авторитарно. Кремљ подолго време ги контролира сите функции во државата, сите институции и големи подрачја од општествениот живот. Американското списание Foreign policy го прогласи рускиот претседател Владимир Путин за највлијателен човек на светот во 2012 година. Путин веќе подолг период е во отворен судир со Америка и ЕУ поради Украина. Оваа земја не е повеќе истата, не е цела. Крим е веќе руски. САД и Европа немаат решение кога е во прашање Путин. Тој успеа да се наметне како силен и моќен политичар без кого светската елита тешко може да носи геостратешки решенија, особено не без негов амин. Кој е човекот кој концентрираше толку моќ во своите раце?  Владимир Путин е роден на 7 октомври 1952 година, во Ленинград, СССР (сега Санкт Петербург, Руска Федерација) како дете на Владимир Спиридонович Путин и Марија Ивановна Путина. Неговата мајка била фабрички работник, а неговиот татко бил регрутант во советската морнарица, каде што служел во почетокот на 30-тите години од минатиот век. Двата постари браќа биле родени во средината на 1930-тите. Еден починал во рок од неколку месеци по неговото раѓање, додека вториот починал од дифтерија за време на опсадата на Ленинград во Втората светска војна. Во својата автобиографија Во прво лице кое се базира на интервју со Путин, се зборува за скромниот живот на Путин кој живеел во комунален стан во Ленинград. На 1 септември 1960 година тој започнал да оди во училиштето број 193 кое се наоѓало спроти неговата куќа. Во петто одделение бил еден од неколкуте во класот кој сеуште не бил Пионер, а тоа се должело главно поради неговото палаво однесување. Во шесто одделение започнал да тренира самбо, а потоа и џудо. Во 1975 година Путин дипломирал право на Ленинградскиот државен универзитет. Неговата докторска тема била под наслов "Стратешко планирање на регионалните ресурси во рамките на формирањето на пазарните односи" според која рускиот економски успех ќе зависи од националната енергетика. Додека бил на факултет, Путин станал член на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и останал лојален до распаѓањето на сојузот во декември 1991 година. Кариера во КГБ - котраразунавач, задолжен за следење на странски државјани Путин се приклучил во КГБ во 1975 година, по дипломирањето и бил подложен на обука од една година во 401-то училиште во Охта, Ленинград. Тој потоа продолжил да работи кратко време како контраразузнавач пред да биде префрлен во главната дирекција на КГБ каде меѓу своите должности му биле следење на странски државјани и на конзуларните функционери во Ленинград. Во периодот од 1985 до 1990 година, Путин од страна на КГБ бил пуштен во Дрезден, Источна Германија. По падот на источногерманската влада, Путин бил повикан да се врати во Ленинград, каде во јуни 1991 година започнал да работи во Ленинградскиот државен универзитет кај заменик-ректорот Јуриј Молчанов, односно на вториот ден од неуспешниот Агустовски пуч против советскиот претседател Михаил Горбачов. Путин подоцна за овие настани изјавил: „Штом започна ударот, јас веднаш одлучив на која страна ќе бидам“ и покрај тоа што неговиот избор бил тежок, бидејќи претходно најголемиот дел од својот живот работел во органите на КГБ. Во 90-тите Путин под истрага од страна законодавниот дом во Санкт Петерсбург Во мај 1990 година, Путин бил назначен за советник за меѓународни прашања на тогашниот градоначалник и негов пријател Анатолиј Собчак. На 28 јуни 1991 година бил назначен за шеф на Комитетот за надворешни односи на канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург, со одговорност да ги промовира меѓународните односи и да привлече странски инвестиции. Во тоа време Путин се нашол под истрага од страна законодавниот дом во градот. Според членовите на комисијата, Путин дозвол извоз на метали во вредност од 93.000.000 $, во замена за надворешна помош во храна што никогаш не пристигнала. И покрај препораката на Европската комисија дека Путин треба да биде отпуштен, Путин останал на позицијата шеф на Комитетот за надворешни односи до 1996 година. Кариера во Москва Во 1996 година, Анатолиј Собчак бил поразен на изборите во Санкт Петерсбург за градоначалник. Путин бил повикан во Москва и во јуни 1996 година станал заменик-шеф на претседателскиот кабинет за управување со имот, каде на чело се наоѓал Павел Бородин. На таа позиција останал до март 1997 година. На 26 март 1997 година, претседателот Борис Елцин го именувал Путин за заменик-шеф на претседателскиот кабинет, каде на таа позиција останал до мај 1998 година. На 25 јули 1998 година, Елцин го назначил за шеф на ФСБ, каде се задржал до август 1999 година. Тој станал и постојан член на Советот за безбедност на Руската Федерација. Прв премиерски мандат На 9 август 1999 година, Владимир Путин бил назначен за еден од трите заменик-премиери на Русија, а по отпуштањето на Сергеј Степашин станал премиер поставен од страна на Борис Елцин. Елцин исто така изјавил дека сака да го види Путин како негов наследник на претседателската функција. Подоцна Путин се согласил да се кандитира за претседател. На 16 август Државната дума го одобрило неговото назначување за премиер со 233 гласа, наспроти 84 против, 17 воздржани. По неговото именување, тогаш непознатиот Путин за поголемата руска јавност, аналитичарите очекувале дека неговиот мандат нема да трае долго, слично како и неговите претходници. Популарноста на Путин во голема мера се зголемила кога Исламската меѓународна бригада ја започнала Дагестанската инвазија, главно поради неговата непопустливост во однос на конфликтот на Северен Кавказ. Прв претседателски мандат - отворена војна со олигарсите Владимир Путин бил инаугуриран за претседател на 7 мај 2000 година. Тој го назначил министерот за финансии Михаил Касјанов како неговиот премиер. Во мај 2000 година тој издал дектет за формирање на 89 федерални субјекти на Русија и 7 федерални окрузи со цел полесно функционирање на федералните администрации. За време на неговиот прв мандат, тој започнал да се справува со моќта на дел од поранешните олигарси на Елцин, како што се Борис Березовски, кој според самиот него му помогнал на Путин да влезе во претседателскиот кабинет и ја финансирал кампањата на Путин. Во периодот од 2000-2004 година завршила т.н. Јукос афера, период во кој Путин започнал отворена војна со најголемиот дел од руските олигарси. Според оваа зделка, на олигарсите им било дозволено да го задржат поголемиот дел од своите имоти во замена за нивна експлицитна поддршка на владата. Во декември 2000 година Путин го променил и законот за националната химна на Русија. Химната ја заменила „Патриотската песна“, којашто била официјалната химна од 1990 година. Многумина во рускиот печат и во меѓународните медиуми предупредиле дека смртта на околу 130 заложници во спасувачката операција на специјалните сили во текот на Московската театарска заложничка криза сериозно ќе му наштети на популарноста на претседателот Путин. Меѓутоа, кратко време по опсадата, рускиот претседател уживал рекорден процент на популарност од 83%, односно 83% од Русите се изјасниле дека се задоволни од Путин и неговото справување со опсадата. Во 2003 година бил одржан референдум во Чеченија за усвојување на новиот устав кој ја декларира републиката како дел од Русија. Чеченија постепено се стабилизирала со одржувањето на парламентарните избори. Втор претседателски мандат - смртта на Политковскаја На 14 март 2004 година, Путин бил реизбран за претседател на земјата, освојувајќи 71% од гласовите. Во почетокот на септември 2004 година се одвила Бесланската заложничка криза каде биле убиени повеќе од 300 луѓе, повеќе од нив деца. По крајот на овој терористички акт, Путин покренал иницијатива за директен избор на гувернерите и претседателите на руските земји од страна на Претседателот на Руската Федерација и истиот ќе биде одобрен од страна на регионалните законодавни тела. Континуираното кривично гонење на тогаш најбогатиот човек во Русија, претседателот на Јукос Михаил Ходорковски за измама и даночно затајување, беше видено од страна на меѓународниот печат како одмазда кон Ходорковски. Путин бил критикуван на западните земји како и од страна на руските либерали за напад врз слободата на медиумите во Русија. На 7 октомври 2006 година, Ана Политковскаја, новинарка која изложила корупцијата во руската војска и нејзиното однесување во Чеченија, била застрелана пред влезот на нејзината зграда. Смртта на Политковскаја предизвикало негодување во западните медиуми со обвинувања дека во најдобар случај Путин не успеал да ги заштити независните медиуми во земјата. Кога бил прашан за убиството на Политковскаја во интервју за германскиот телевизиски канал АРД, Путин изјавил дека нејзиното убиство носи многу повеќе штета на руските власти од самото нејзиното пишување и известување. Втор премиерски мандат По крајот на својот втор мандат, Путин според законот немал право да бара трет последователен претседателски избор. Првиот заменик-премиер Димитриј Медведев бил избран за негов наследник. На 8 мај 2008 година, само еден ден по предавањето на претседателството на Медведев, Путин бил назначен за премиер на Русија одржувајќи ја својата политичка доминација во земјата. Светската економска криза од 2008 година ја погодила и руската економија, прекинувајќи го протокот на евтини западни кредити и инвестиции. Ова се совпаднало и со тензиите меѓу западот и Русија по војната во Јужна Осетија и Грузија. Сепак, големите финансиски резерви, акумулирани во изминатиот период од високите цени на нафтата помогнале на земјата да се справи со кризата и да продолжи со економскиот раст од средината на 2009 година. Надминувањето на последиците од економската криза како и стабилизирањето на големината на населението на Русија во периодот меѓу 2008 и 2011 година по големиот демографски пад на населението во 1990-тите биле најуспешните работи во текот на премиерскиот мандат на Путин.. На конгресот на Единствена Русија кој се одржал на 24 септември 2011 година, Медведев официјално го предложил Путин за кандидат за претседател, понуда која Путин ја прифатил. Трет претседателски мандат - почесен мајстор по теквондо, со црн појас од деветти степен На 4 март 2012 година, Путин победил на претседателските избори освојувајќи 63,6% од гласовите. И покрај превземаните чекори за изборна транспарентност, гласањето било критикувано од страна на руската опозиција и некои меѓународни институции. Неколку шефови на држави му ја честитале победата на Путин. Ху Ѓинтаому честитал на Путин за преземањето на функцијата и му посакал на рускиот народ поголеми достигнувања во развојот на нивната земја под раководство на Путин.Антипутински протести се одржале за време и непосредно по претседателската кампања. Путин не се плаши од европско - американските санкции заради Украина Рускиот претседател Владимир Путин смета дека има „адути“ во ракавот кои му даваат силна позиција да се одбрани од европско американските санкции. Москва е принудена да го отфрли доларот како резервна валута..„Русија би можела да ја намали нулта вредноста на својата економска зависност од САД“, коментираат аналитичарите. Во однос на европските земји, Путин секогаш ја има моќта на гасот, кој од Русија, преку Украина стигнува до земјите од Европската унија. Америка за Путин Бил Клинтон го сметал за „студен“, но предвидел дека ќе биде силен и способен лидер. Џорџ Буш го посакувал за пријател и сојузник во војната против тероризмот, но со време ја изгубил надежта и заклучил дека Владимир Путин не е демократ, туку „цар“, пишува Њујорк тајмс. Барак Обама играше на Медведев, но Путин во 2012 јасно даде до знаење дека не можат да го игнорираат... и, денес односите меѓу Русија и САД се на најлошата точка од крајот на Студената војна. Според Њујорк тајмс, рускиот претседател цели 15 години ги збунува американските претседатели додека тие се обидуваат да го „одгатнат“ - секогаш погрешно проценувајќи го. Популарноста на Путин Путин ужива популарност насекаде во Русија и во многу држави во светот, особено во земјите во развој. Во многу земји каде мнозинство од луѓето се православни христијани Путин се цени поради своите дела направени за рехабилитација на положбата на православната црква во Русија. Путин е популарен во Србија, Република Српска, Црна Гора поради принципиелниот став на Русија за одбрана на суверенитетот на Србија. Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе српски граодиц. Во 2007 година е прогласен за личност на годината во избор на американското списание Тајм. Во очекување на посетата на Владимир Путин во Србија во 2007 година во својство на претседател на руската федерација, тогашниот патријарх на СПЦ Павле предложи, а Светиот архирејски синод привати, на Владимир Путин да му се додели највисоко црковно одликување - Орден Свети Сава од прв ред во знак на длабока благодарност  за љубов спрема црквата и за непроценливата подршка во настојувањето Косово и Метохија да останат во состав на Република Србија. Овој оред на Владимир Путин му го врачи патријархот Иринеј во храмот Свето сава на 23 март во 2011 година. Колку заработи Путин лани? Кремљ и официјаллно ја објави даночната пријава на рускиот претседател Владимир Путин. Според неа, шефот на руската држава во изминатата 2013 година заработил 3.672.208 руски рубљи или околу 103.060 американски долари. Ако се подели на 12 месеци, месечната плата би била околу 8.600 долари. Според овие податоци, годишната плата на Путин во 2013 година се намалила за 59.441 долари, во однос на претходната 2012 година, кога рускиот претседател заработи 162.519 долари. Сепак, во податоците доставени до даночната управа за првпат не се доставени информации за приходите на поранешната сопруга на Путин, Људмила, иако тој едвај неодамна официјално се разведе од неа. Во 2012 година нејзиниот придонес во домашниот буџет беше околу 3.406 долари. Исто така, во податоците не се споменуваат двете ѓерки на Путин 29-годишната Марија и 28-годишната Катерина, иако руските државници се обврзани да ги наведат приходите на сите членови на најтесното семејство. Недвижниот имот регистриран на Путин минатата година се зголемил, така што според имотниот лист рускиот претседател поседува два стана – еден со површина од 77 метри квадратни и друг со површина од 153,7 метри квадратни, гаража, два постари автомобили од марката „волга“ ГАЗ М21, автомобил „нива“ и автоприколка „скиф“. Приватен живот Владимир Путин беше оженет со Људмила Путин со која има две ќерки. Се разведуваат во јуни 2013 година. Верник е на Руската православна црква и честопати потенцира дека неговата мајка е заслужна за своето верско определување. Тренира бокс, самбо и џудо. На првиот ден како претседател, Путин издал 14 претседателски декрети. Во ноември 2013 година, во Сеул, претседателот на Светската теквондо организација, Чо Чунг Вон, го прогласил Путин за почесен мајстор по теквондо, со црн појас од деветти степен. На тој начин, Путин го надминал глумецот Чак Норис, кој е носител на црн појас од осми степен. Се занимава и со скијање. Ги сака животните и има црн лабрадор ретривер - Кони. По 30 години брак се разведе Путин се разведе од својата сопруга Људмила со која беа 30 години во брак. Во биографијата на Путин стоело оженет, а сега само се наведува дека Путин има две ќерки, додека првата дама воопшто не се споменува. Минатата година парот ја шокираше јавноста со одлуката за развод. Путин тогаш изјави дека тоа била заедничка одлука. По разводот приватниот живот на Путин е мета на озборување. Многумина го поврзуваат со поранешната гимнастичарка Алина Кабаева. Редакција Фактор
Слично

Поврзани вести