Економија, финансии, бизнис

Контакт

Досие „Регулатори“: Има ли премногу политички багаж во „независните“ тела!?

Досие „Регулатори“: Има ли премногу политички багаж во „независните“ тела!?
Колку се (не)зависни регулаторните тела во земјава? Дали начинот на кој се избираат, начинот на кој се именуваат членовите на регулаторните тела во земјава ја гарантира и независноста и непристрасноста во носењето на одлуките. Катерина Попоска Изворите на финансирање, начинот на кој се бираат членовите на (не)зависните регулаторни тела во земјава и кому тие поднесуваат извештај за работата јасно покажува дали и колку регулаторите на пазарот се независни. Токму независноста на регулаторните тела во земјава е рак-рана со години наназад. Експерти и поранешни антикорупционери спорат како може некогашните партиски активисти и директори или раководители во компании, сега да станат претседатели токму на регулаторните тела. За нив е нејасно како тие преку ноќ се ослободиле од влијанијата и судирот на интереси и сега носат независни и непристрасни одлуки. До неодамна првиот човек на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Чедомир Кралевски, сега само нејзин член (кој треба да ги санкционира монополското и картелското однесување на компаниите присутни на пазарот) е поранешен пратеник со десничарска идеологија. Два мандати, од 1998 до 2006 година седеше во собраниската фотеља за во 2006 година да биде унапреден во претседател на Антимонополската комисија. Пред повеќе од една година синот на Краљевски се вработи во еден од телекомуникациските оператори во земјава, но тука Краљевски не виде проблем, ниту судир на интереси. Предизвикот е голем-независно да се одлучува за компанија во која работи најблизок роднина! Сегашниот претседател на Антимонополската Комисија, Благој Чурлинов пак, е кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската позиција дојде со владејачкиот “Бран на свежина“ во април минатата година, откако четири години бил раководител на одделение за првостепена управна постапка во Министерство за финансии во Струмица, а од 2007-2008 година бил советник во Управата. Чурлинов вели дека Комисијата работи ослободена од притисоци и влијанија.
„Ние сме именувани функционери од Собранието, како и претходните членови. Согласно Законот за заштита на конкуренцијата основен извор на финансирање на Комисијата е Буџетот на Република Македонија. Предизвик ми беше да дојдам на оваа позиција, пет години сум бил раководител, без ниту една грешка во моето работење и сигурно поради тоа сум сега тука, како претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Можам да кажам дека работиме во согласност со Законот. Избрани сме од Собранието и нашата работа е транспарентна. Јас не знам дали моите претходници имале некои притисоци од некои комппании или пак, политички партии, но од моја страна се знае почитување на законот и тука застанува се“, вели за Фактор, Чурлинов.
Во Законот за заштита на конкуренцијата стои дека претседател и член на Комисијата за заштита на конкуренцијата може да биде „именувано лице кое е државјанин на Република Македонија со завршено високо образование - правен или економски факултет, со работно искуство над пет години во струката и посебни знаења од областа на конкуренцијата, трговското право, менаџментот и финансиите. Претседателот или еден од членовите на Комисијата кои се професионално ангажирани во работењето на Комисијата задолжително треба да биде дипломиран правник со положен правосуден испит и искуство во струката од најмалку пет години по положувањето на правосудниот испит. На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, Претседателот и членовите на Комисијата за заштита на конкуренцијата ги именува и разрешува Собранието, за период од пет години со право на повторно именување“. За Чурлинов, сите членови на Комисијата се доволно стручни за професионално, совесно и одговорно да ја санкционираат монополската положба на пазарот или пак, да се борат против евентуалните картели и концентрации на моќ. Политичката определба-виза за успех?! Дел од поранешните први регулатори признаваат дека стопирањето на партиските активности со моментот на стапување на функција-член на регулаторно тело, не значи по дефиниција и апстрахирање од партиските влијанија. Признаваат дека идеална изолација од политичките влијанија нема.
„Политиката е вмешана со самиот чин на именување и назначување на членовите, тое е неминовно. И јас бев политички именуван, но јас 26 години работев во стопанството, како дел од директорската екипа на Астибо, така што јас ги решавав проблемите интервентно. Во тоа време бев и во можност јас да ги предложам членовите на Комисјата, кои не беа партиски активирани.  Можам да кажам дека во тоа време Комисијата за заштита на конкуренцијата доста независно работеше и носеше одлуки. На неколку пати имаше внесување од страна, не велам партиски притисоци, но внесување од страна, но ние 90% од одлуките ги носевме независно, ослободени од партиски притисоци, без да балансираме на сите страни... Од оваа инстанца сега, сметам дека Комисијата треба да е поприсутна. Во овој момент како на стадион да играат Вардар и Работнички, а на натпреварот нема судија, а сепак има натпревар. Но, ова е Македонија, на жалост“, вели за Фактор Панче Бардаров, поранешен претседател на Комисија за заштита на конкуренцијата.
За да се избегне можниот судир на интереси или политичките влијанија,  членовите на регулаторните тела треба да се бараат во кадри без “политички багаж“. Според Законот за судир на интереси, ако некој формира приватна фирма, за да нема судир на интереси треба да се откаже од управувањето на тоа трговско друштво, но притоа Законот му дозволува тој да остане сопственик на таа фирма. Во ваков случај, секогаш лебди сомнежот дека во моментот на носење на одлука, може да има судир на интереси. Откажувањето од партиските притисоци и влијанија е клучното прашање во функционирањето на институциите во земјава. Токму непопуштањето пред притисоците ја покажува професионалната и човечката вредност на луѓето од кои очекуваме да ни биде подобро. Регулаторната комисија за енергетика-вработи инженер, а им треба правник?! Ништо поразлично не е ниту во Регулаторната комисија за енергетика. И таму седат поранешни партиски активисти, поранешни вработени во енергетски компании или пак, во државни институции. Пред речиси три години, на предлог на Владата, Собранието го избра Димитар Петров за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, иако тој бил раководител на одржување во подрачната единица на Евн во Кратово и потпретседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово. На јавноста и е познато и дека битолчанецот Видан Кулевски, пред да биде назначен за член на Комисијата, работел како член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а во 2007 година бил и член и на Надзорниот одбор на државната ЕЛЕМ. Комисијата е составен од пет членови, од кои тројца инженери и по еден економист и правник. Но, откако инженерот Куштрим Рамадани од Евн Македонија стана нов член на Комисијата, на местото на правникот Рухи Бакиу, ова регулаторно тело има дефицит на правник меѓу членовите, што укажува на несоодветност на позициите и професиите на членовите. (?!) Од Комисијата се правдаат дека причината за необјавувањето на нивниот професионален ангажман се должи на новата интернет страница која е во подготовка. Според информациите до кои дојде Фактор економист во Комисијата е Светлана Јаневска, која претходно работела во Министерството за финансии. Елена Маркова-Велинова пак, е петтиот член на Комисијата. Таа е дипломиран електротехнички инженер и работела во Евн Македонија во секторот за нови приклучоци како и во Министерството за економија, односно во техничкиот инспекторат. Иако никој јавно не сака да лкаже дали некој од потесното семејство на членовите на Комисијата се вработени или акционери во енергетските компании или пак во владини институции, шпекулациите одат до таму што некои од сопружниците ан членовите на Комисијата се поврзуваат со вработувања во енергетски компании кои имаат регулирани цени од страна на Комисијата. Според Законот за енергетика, членовите и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика не смеат да имаат каква било функција во политичка партија или да имаат друга јавна функција, но дека тоа можеле да бидат пред да се назначат за членови на Комисијата. За член на Комисијата може да биде именуван член на политичка партија, при што членството задолжително му престанува со денот на неговото именување. Познавачите се сомневаат дека само со декларативното запирање и откажување од партиските активности на таквите членови на Комисијата, престанале и партиските влијанија во носењето на одлуките на ова регулаторно тело. Признаваат дека во Комисијата неопходно е да се вработуваат луѓе без партиско минато.
„Ако некои членови на Регулаторната комисија за енергетика се етаблирале како членови на некоја политичка партија, навистина се доведува во прашање независноста на ова регулаторно тело. Со откажувањето од партиската книшка, не верувам дека престанува и партиското влијание во нивното работење. Тука е проблемот. Навистина е тешко да се поверува дека некој до вчера партиски војник, од утре ќе биде тотално независен. Тешко се излегува од партиските канџи и стеги. Дискутабилно е и тешко се докажува дека при носењето на некоја одлука регулаторот немал партиски влијанија. Секако дека политички личности не треба да се вработуваат во регулаторните тела, но за жал ги има. Треба од почеток да се бараат непартиски кадри, луѓе без партиско минато”, вели поренешен член на Комисијата кој сака да остане анонимен.
Со неговите констатации се согласуваат и други поранешни членови на Комисијата. Велат, вработувањето на двајца партиски членови и тројца независни во регулаторната комисија за енергетика е формула како власта би можела да влијае при носењето на одлуките на регулаторите.
„Дури и намерно можеби се ставаат партиски кадри за членови на Регулаторната Комисија за енергетика, преку кои Владата би влијаела во носењето правилници, цени...Од друга страна, непрецизностите, недореченостите во законските одредби оставаат простор за различно толкување и примена. Комисијата траба да работи исклучиво според правилниците, треба да ги штити потрошувачите бидејќи носи цени и пропишува квалитет”, коментира поранешен член на Комисијата.
Но, актуелниот претседател на Комисијата, Петров за Фактор тврди дека работи независно и дека од моментот на влегување во Комисијата престанеле неговите партиски активности. (?!)
„Ако ние ги следиме и ги прифаќаме интересите на компаниите, тогаш сме  контрадикторни на себе. Ние секогаш до сега сме одобрувале цени пониски од она што го побарале компаниите. Значи факт е дека  ние регулираме, а не одобруваме она што во целост го бараат компаниите. Ако зборуваме за влијанието од страна на компаниите, секако дека тие се сериозно заинтересирани да ги постигнат своите цели, осовено целите за обезбедување на добивка и позитивно работење, секако дека ќе ги употребата сите сопствени ресурси и знаења за тоа да го добијат преку цената. И нашиот судир тука е очигледен. Во поглед  на независноста, шпекулативно е воопшто да коментирам колку сме независни,  бидејќи во Законот точно е дефинирано што значи член на Регулаторна Комисија за енергетика. Партиски притисок апсолутно нема“, вели Петров.
Во Законот за енергетика стои и дека членовите на Регулаторната комисија за енергетика и на вработените во стручната служба на Комисијата, како и на нивните брачни другари или роднини од прва линија не им е дозволено во компанија имател или барател на лиценца да бидат акционери, односно содружници, да вршат посредни или непосредни услуги за таа компанија и да бидат членови во органите на управување и раководење на компанијата. И други поранешни членови на Комисијата кои не сакаат јавно да зборуваат за проблемите во РКЕ, велат дека пред 10-тина години владините претставници не покажувале толку голема желба да се мешаат во работат на Комисијата. Признаваат дека од година во година независноста на Комисијата се повеќе се доведува во прашање. Поранешен претседател на Антикорупциската Комисија пак, вели дека има законски одредби кои оставаат простор да се “дозволи” за сомнеж, кога станува збор за судирот на интереси. За да се избегне можниот судир на интереси или политичките влијанија,  членовите на регулаторни тела треба да се избираат во кадри без “политички багаж”.
„Според законот за судир на интереси, ако некој формира приватна фирма, за да нема судир на интереси треба да се откаже од управувањето на тоа трговско друштво, но притоа законот му дозволува тој да остане сопственик на таа фирма. Но, во таков случај, секогаш ќе лебди сомнежот дека во моментот на носење на одлука, може да има судир на интереси. Не сум идеалист, но откажувањето од партиските притисоци и влијанија е клучното прашање во функционирањето на институциите во држават. Непопуштањето ја покажува професионалната и човечката вредност на луѓето”, објаснува поранешен претседател на Антикорупцијската комисија.
За експертите независноста на РКЕ е дискутабилна и од аспект на назначување на партиски активисти за членови на Комисијата. Сомнежот дека Регулаторната Комисија за енергетика не е докрај независна каква што треба да биде фрла и низата случаеви кога владини претставници и директори на некои енергетски компании јавно ќе кажат за колкав процент ќе се зголеми цената на некој енергенс, одлука која единствено треба да ја пресмета и соопшти, (не)зависната Комисија.
 „Управните  Одбори во енергетските компании се именуваат од Владата. Владата преку директорите на компаниите може да даде сугестии на компаниите кои трошоци да се пријават, со што се прават калкулации за колку може да се коригира цената на некој енергенс. Оттука, со кој дигнитет и интергритет ќе работи Регулаторната Комисија (РКЕ) ако претходно некој друг излезе со проценки. Рамката е поставена и се знае кој одлучува. Владините претставници или директорите, всушност сакајќи да ја покажат својата моќ и големина , условно ја суспендираат РКЕ. Таа има врзани раце тогаш. Секој од членовите на Регулаторната Комисија за енерегетика при носењето на одлуките е должен да пријави каков било конфликт на интереси. При носењето на одлуките треба да постои индивидуална, а не колективна одговорност”, вели некогашен член на РКЕ.
Владини соработници ги кројат и телекомуникациските политики?!  За тоа колку Агенцијата за електронски комуникации е независна и ослободена од надворешни притисоци зборува директорот Роберт Орданоски, кој претходно работеше како извршен директор за инженеринг и технички операции во еден од телекомуникациските оператори во земјава, а сега го регулира работењето на телекомуникаците во земјава. Тој за Фактор вели дека професионално ја извршува работата.
„Агенцијата според законот за електронски комуникации е независно тело на пазарот за електронски комуникации во Македонија и целата своја работа ја базира на принципот на независност од дневната политика од едноставна причина што во ИКТ (Information and Communication Technologies) секторот што го регулираме нема политика. Тоа е чист бизнис заснован  на закони кои АЕК е должен да ги почитува, се со цел обезбедување рамноправна средина за сите чинители во информатичко-комуникациската технологија, која е сериозен фактор за глобалниот развој на земјата. Мојата досегашна 16 годишна кариера во ИКТ секторот, од кои 9,5 години како директор, 2 години раководител во T-Mobile MK и две години како директор во АЕК, докажале дека секогаш работам со максимален интергритет, ја користам својата глава (и на тимовите кои ги водам и сум ги водел), ги користам своите способности и знаење. Хипотетички, некој и да се обиде да ми сугерира, ќе наиде на игнорирање од моја страна“, објаснува Орданоски за Фактор.
Податоците покажуваат дека дел од членовите во Комисијата за електронски комуникации при АЕК, паралелно работат во владини и државни институции или членуваат во Управни одбори на компании или институции. За претседател на Комисијата е избрана Гордана Клинчарова, која според јавно достапните информации е и секретар на Град Скопје. Членови на Комисијата пак, се Горан Велинов, Газменд Ајдини, Петар Есмеров и Славе Веловски (кој работи во кабинетот на премиерот Груевски и е сопруг на заменик-министерката за економија). До пред две години, на директорската позиција во Агенцијата за цивилно воздухопловство пак, седеше и некогашниот лидер на Либералната партија и негогашен вицепремиер за евроинтеграции, Зоран Крстевски.
Слично

Поврзани вести