Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОСИЕ РАБОТА НА БРОД: Борба за егзистенција или авантура?!

ДОСИЕ РАБОТА НА БРОД: Борба за егзистенција или авантура?!
Келнери, чистачи, кувари, електричари, фотографи –ова се дел од професиите кои се нудат  но и најчесто се  барани за работа на брод. Младите од земјава во потрага по подобар живот и егзистенција аплицираат за било која позиција,дури и за работа по 12 часа,  само да се стигне до денар повеќе. Иако пред четири години го завршила Педагошкиот факултет и сонувала дека еден ден ќе се најде помеѓу најмалите дечиња  од предшколска возраст, дваесет и осум годишната  Ирена П. денеска живее нов сон. Потрагата по работа и подобра егзистенција ја нашла на брод. Вели,слична судбина делат илјадници млади од земјава. Печалбарската сага според неа има и лоши но и добри страни. Првичниот шок  е оддалеченоста од домашните, саканите,  новиот живот на отворено море. “Откако го завршив Педагошкиот факултет мислев дека се оствари мојата најголема желба и падна еден товар од моите плеќи. Очекував брзо да најдам работа и да го работам она што одсекогаш било мојата најголема желба-воспитувачка во градинка. Уште како мала оваа професија беше нешто важно, нешто  големо и благородно, да воспитуваш и едуцираш деца и на најдобар можен начин да се грижиш да ги насочиш на вистинскиот пат.Идната професија ја доживував како предизвик кон кој тргнав со многу ентузијазам и очекувања. Но, сонот почна полека да бледнее. Чекав околу две години, конкурирав во повеќе градинки  и наидував на кренати раменици, па дури и совети да не се мачам залудно. Во меѓувреме се вработив во бутик и бесцелно од утро до мрак се прашував себеси што правам помеѓу купиштата скапи брендирани парчиња, кои носат мало задоволство само за оние кои можеа да си го дозволат тоа?! Постојано се прашував, зарем за ова потрошив четири години на студии, за ова ли моите родители го трошеа и последниот денар за да ме школуваат?”-раскажува младата Ирена П.  од Скопје. Многупати, додава, размислувала да замине надвор, но конечната одлука ја донела пред околу две години кога се пријавила за работа на брод. Бидејќи одлично го владее англискиот и  шпанскиот јазик веднаш влегла во потесниот круг. По неполн  месец и се јавиле од компанијата која посредувала за вработување дека е примена и дека за кратко заминува на брод на голема американска компанија. “Ги спакував куферите и тргнав. Прв пат кога стапнав на бродот и кога го видов тој  огромен град на вода пред себе,  ми се пресекоа нозете. Постојано ми се вртеше во главата што направив, дали го превземав вистинскиот чекор? Но, пресеков, не се вртам назад, чекорам сигурно напред,  па што биде, нека биде. Моето прво соочување со големиот нов прекуокеански дом беше импресионирачко бидејќи знаеме дека ние немаме можност да видиме такво нешто, можеби и од оправдана причина бидејќи немаме море, но и пари секако. За мене ова искуство беше како да сонувам со отворени очи. На почетокот многупати се губев на бродот бидејќи тоа е налик на еден голем град кој плови. Првите денови неможев да ја најдам и игротеката, но интересно е што на брод важи едно одлично правило-ако некој бара помош за било што и не може да се снајде,  мора да му се помогне. Така беше и со мене. Од кога се стабилизирав почна друг проблеми бидејќи добив морска болест. Поминав со лежење и повраќање, примав инфузии и пиев некоја чудна вода. Во тие моменти да можев ќе прелетав дома во прегратките на мајка ми да заборавам на се. Каков почеток!?”-додава  Ирена. Но знаејќи го својот карактер, како упорна и решителна личност кога ќе одлучи  нешто, вели  оди до крај. Закрепнала за помалку од две недели и брзо се навикнала  на движењето низ  бродот. Од оваа временска дистанца, секое ново патување на брод веќе го чувствува како природна средина. Некогаш, вели мисли дека се закотвени, а бродот веќе плови. Кој ги чува и се грижи за децата на богаташите на  крстарење околу светот?! Нејзината работа на брод била многу поблиску до она за што Ирена одсекогаш сонувала, а никогаш не добила шанса да го работи  во Македонија.Таа и околу десетина девојки биле задолжени за грижата на децата на богаташите кои својот годишен одмор или слободно време го поминувале на крузер вртејќи го светот. И додека тие уживале во активностите кои ги нудел туристичкиот аранжман, вработените меѓу кои и Ирена се грижеле нивните најмили да бидат соодветно згрижени и едуцирани. Оваа работа,според неа, е остварување на сонот. Вели, многу е  интересна,  но исто толку и одговорна бидејќи мора да се внимава на секој детал, на исполнување на  секоја желба на децата. “Мојата позиција на бродот е  едукатор во градинка или како што е меѓународното значење “youth counselor”. Моето школување не било залудно бидејќи професионалната надградба ми помогна многу лесно да се вклопам во средината и на работното место. Работам во игротеката “Fun Factory”  со деца од 3 до 11 години и со тинејџери од 12 до 17 години. Ги забавуваме па затоа често се маскираме во пирати, разни животни, џуџињата на Дедо Мраз за Нова Година, зајчиња за Велигден, страшила за Ноќта на вештерките. Оваа работа носи забава,  но и многу голема одговорност,  бидејќи децата се најголемиот животен влог за секој родител, па така од моментот кога родителот ќе ја напушти нашата занимална, јас и мојот тим сме одговорни за тие деца, нивната сигурност. Јас навистина искрено ги сакам децата, ја сакам работата со нив и уживам во секој  поминат миг . Мојата последна менаџерка во нејзиниот завршен говор за мене напиша: “Ирена повеќе ужива во работата со децата отколку самите тие”. Имаме  и многу спортски активности, караоке шоу, музички настапи пред родителите, талент шоу и сето тоа организирано за 7 или 14 дена, во зависност од должината на крстарењето”-вели Ирена. За ваков тип на работа кој бара постојана работа и комуникација со луѓе, а посебно со деца,  се потребни повеќе вештини меѓу кои познавање на неколку странски јазици, послушност, дискретност,  тимска работа и постојано отворени четири очи. Најтешко, се сеќава, првите денови и било  прилагодувањето на храната, бидејќи навикнала  на кујната на нејзината мајка  која секогаш знаела  да ја  изненади со топло и зготвено јадење. Е, тоа вели, овде го нема. Различни кујни, различни зачини и марифети, но ни оддалеку како домашните македонски јадења. Нејзините договори траеле  два или три месеци и ја активираат сезонски. Бидејќи Ирена  е една од највредните работници  сега работодавците сами ја бараат. Работата на брод според неа не е лесна, но е многу интересна особено за младите луѓе. Таа, вели е одскочна даска за луѓето кои сакаат да се вработат и да им го ценат трудот, а секако и да бидат платени за тоа. Патувањата траеле и по дваесетина дена.  Големите бродови-крузери  ги опишува како мали градови, адаптирани за сечиј вкус и џеб, бидејќи на нив можело да се најде се, од храна до преубави ресторани, базени, фитнес сали. Според  неа, доколку одговорните видат дека сте посветен работник, знаат да го ценат и наградат трудот. Македонците –вредни и барани работници! Карактеристично е што вработените на брод од Македонија и соседните земји се многу вредни работници и се многу ценети. Сите што работат на брод мора да почитуваат одредени правила и прописи на однесување. Ирена раскажува дека нема понижување, навреди, се се сведува на вербална комуникација, советување. Се цени искреноста, љубезноста и учтивоста. Кој сака да успее мора да  научи култура на однесување и одговорности. Комуникацијата со колегите  е многу битна,  која не само професионално туку и приватно создава вистински и трајни пријателства. “Јас за среќа ги имам многу. Заедно ги славевме нашите родендени и празници  на брод. Нашата комуникација продолжува и денес преку социјалните мрежи. Во тие моменти кога си далеку од своите најблиски стекнатите искрени пријателства се развиваат како семејни врски со кои споделувате радост, среќа, тага. Кај нас за жал се повеќе пријателите се ценат низ призма на пари, а овде секој млад човек е скоро во иста позиција со другиот,  доаѓа да работи и заработи. На брод сите се еднакви, само униформите се различни, нема поделба на позиции, раси или држави. Тоа искуство треба да го применуваме овде”-вели Ирена П. Работа и задоволство! Работата на брод вели има и свои позитивни страни. Најголемата е што ќе посетите места за кои можете само да сонувате. Тоа искуство за младите не се опишува ниту раскажува, едноставно се доживува. “Пресреќна сум што сум посетила места за кои никогаш не сум можела ниту да сонувам како Карибите, Бермудите, Сан Франциско, Лос Анџелес, Мексико, Шпанија, Франција, Малта, Грција, Турција...Неможам сите да ги набројувам навистина ги има многу. За платата не би сакала да зборувам бидејќи е неспоредливо висока во однос на она што  заработува овде на пример вработена воспитувачка во градинка да речеме. На крајот од крстарењето скоро секогаш добиваме бакшиш од родителите кои се задоволни од нашата грижа и внимание кон нивните деца. Затоа не се каам за трудот, вложувањето, освен единствено за тагата за домот. Секое ново патување беше ново искуство за мене кое ме направи позрела, поодговорна и посигурна во себе,бидејќи секој млад човек со денар в џеб,  а кој работел на брод знае како да го цени и како да го потроши”- завршува Ирена. Досега  сретнала само две семејства кои потекнуваат од Македонија но не живеат тука. Едното  од Њу Џерси а другото  од Австралија. Секоја недела вели дека имале и  дрил- вежба во случај на несреќа, како треба да се реагира и што треба да се  направи. После првиот договор додава се е полесно. Слободно време да излезе од бродот има скоро секој ден, бидејќи самото крстарење се состои од посета на различно пристаниште. Сама одлучува што ќе прави во своето слободно време,дали ќе прошета, ќе оди на плажа или ќе одмара во својата кабина. Она што и го овозможува токму нејзината работна позиција како привилегија која неможат да ја имаат вработени со другу работни профили  е  слободно да ги посетува гостинските простории на целиот брод. Оваа работа,  додава , нема материјално да ве збогати ниту да ве направи најбогатиот човек на светот, но ќе ви даде шанса сами, ама навистина сами,  со пот  да го заработите лебот. Тоа е животна лекција различна за секој човек. Сега сеуште размислува дали повторно ќе замине на брод, бидејќи некаде длабоко во себе потајно се надева дека ќе најде  работа дома и ќе остане со оние кои најмногу ги сака. Којзнае?! С.Б.
Слично

Поврзани вести