Економија, финансии, бизнис

Контакт

Досие Паско Кузман: Подемот и падот на македонскиот „Индијана Џонс“!

Досие Паско Кузман: Подемот и падот на македонскиот „Индијана Џонс“!
Прво креатор на таканаречената антиквизација, сега осомничен за злоупотребување на службената должност. Грандиозната кариера на најекспонираниот македонски археолог Паско Кузман, доживеа вистински крах. Паско Кузман важеше за значајна фигура во партијата ВМРО ДПМНЕ и оттаму шокот во јавноста за неговото притворање. Тој се смета за еден од творците на т.н  „антиквизација“ односно тезата дека современите Македонци имаат античко потекло. Тој лично го надгледуваше поставувањето на античките фигури од Стоби пред зградата на Владата. Тој го украси предворјето на Владата со археолошки предмети. Имаше идеја на куполите што ќе го красат македонското Собрание да изгрева сонце, а приземјето на зградата да биде со стаклен под за да под него се постави археолошка изложба. Но, ова се само неколку од неговите проекти кои се сметаа за контроверзни. Беше иницијатор на археолошките ископувања на скопско Кале и изградба на црква, што подоцна предизвика големи меѓуетнички немири. Тој тврдеше дека ја пронашол непроценливо вредната Златна маска во Самоилови кули, но се спротивстави на нејзина проценка од страна на меѓународни експерти, се шпекулираше дека едно време ја чувал во сефот во својата канцаларија во Охрид. Последниот незавршен подвиг на Паско Кузман, кој не се противеше да го нарекуваат „македонскиот Индијана Џонс“, познат по своите три големи часовници, што ги носи на двете раце, од кој едниот е подводен, а другите два го покажуваат времето на различните хемисфери, беше да го пронајде гробот на Александар Македонски. Изминатите неколку години често патуваше во Турција за да ја надгледува изработката на репликата на саркофагот на Александар која треба да се постави во новиот Археолошки музеј, дел од проектот Скопје 2014. Оригиналот на саркофагот е изложен во Истанбул. Паско Кузман е директор на Управата за заштита на културното наследство од 2006 година. Мината година ги исполни условите за пензионирање, но и понатаму продолжи да ја извршува функцијата, најверојатно негов наследник е Тања Паскали, актуелната директорка на Завод и музеј Охрид. Кој е гревот на Паско Кузман? Куќен притвор од 30 дена е епилогот на вчерашното притворање на Паско Кузман, најекспонираниот македонски археолог, што ја шокираше јавноста.  Кривичниот суд во Скопје му определи куќен притвор на досегашниот директор на Управата за културно наследство, кој е приведен под сомнение дека ја злоупотребил службената должност. Кузман се товари дека нелегално, надвор од процедурите давал дозволи за ископување на археолошки локалитети заедно со група вработени во Управата. Иако приведувањето на Кузман се третира како дел од процесот Фаланга 2, од МВР изјавија дека немаат докази и наоди дека Паско Кузман директно учествувал во нелегална трговија со артефакти. Полицијата го товари дека пред две години незаконски  дал согласност  да се ископува во близина на Делчево и на Катланово. Медиумите тогаш шпекулираа дека на овие локации наводно се бара злато оставено од Германците во 1944 година. Никогаш не беше откриено дали е најдено златото на Германците, но според истрагата на МВР, Паско Кузман,  заедно со еден од раководителите во Управата, кој го поттикнал да ги потпише согласностите, ја загрозиле безбедноста на културното наследство. Освен што незаконски ги потишал согласностите за ископите, според пријавата, Кузман го оштетил и буџетот, барајќи полициско обезбедување на локациите, што МВР го чинело околу 20.000 евра, а оваа сума никогаш не ја платил. Инаку, директорот на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман беше сведок на Обвинителството во случајот Фаланга 1, во кој 23. обвинети одговараа за оштетување, присвојување и уништување на материјалните добра. Кузман во Кривичниот суд сведочеше врз основа на фотографии и тврдеше дека препознал оти запленетите предмети се оригинали. „Не сум ги видел предметите лично. Јас сум експерт и тврдам дека тие предмети се оригинално културно наследство. Тоа го заклучив откако ги видов на фотографиите кои беа доставени во институцијата во која сум директор. Врз основа на формата и бојата која е резултат на хемиските својства и почвата од локацијата, тврдам дека предметите се ископани од територијата на Република Македонија“, изјави на 11 мај, 2011 година, Кузман пред судиите. Инаку, ова не е прв пат Кузман да се соочува со кривично гонење, тој во 2002, откако беше сменет од директорското место во Завод и музеј во Охрид, доби кривична пријава. Но, дали неговото притворање има  друга заднина?  Вчера, дел од порталите шпекулираа дека влијателниот Кузман го уапсиле затоа што подготвувал прес конференција за во среда на која ќе објавел факти зошто не треба да му се дава Љубаништа на Субрата Рој. Наводно, тој планирал да обзнани дека на локалитетот, кој Владата планира да му го даде на индискиот бизнисмен,  има дури  50 или 60 вредни археолошки наоѓалишта и неколку цркви кои требало да се истражат. Некои од дилемите веројатно ќе бидат разрешени на суд. Како и да е останува впечатокот дека личниот печат на Кузман во градењето на новата македонска историја беше силен, исто како и релациите кои тој ги негуваше со државниот врв. Оттаму ваквиот развој на настаните е своевидно изненадување. Кој е гревот на Паско Кузман, колкава е неговата улога во „оштетувањето на државниот буџет“, дали вистинските причини за приведувањето имаат поинакви димензии, знае самиот Паско... Александра Бубевска
Слично

Поврзани вести