ДОСИЕ ЈУГОХРОМ: Од навидум еколошка, Јегуновце на работ на социјална катастрофа
Работниците на комбинатот Југохром Фероалојс кои ги има над 700 на број се во голема неизвесност. Испратени на принуден одмор поради прекинот на работата на фабриката со намалени приходи, решени се да истераат до крај со своите барања и нема да се откажат од протестите и различните форми на притисок. Југохром во Јегуновце и во поширокиот полошки регион е меѓу ретките големи работодавци, па од него зависат стотици семејства.

Во време кога економската миграција е се почеста, кога невработеноста кај лица со над 45 години е опасна и долготрајна, многумина од вработените сметаат дека немаат друг излез.
Загрижени како ќе го прехранат семејството, како ќе ги платат натрупаните сметки за кои веќе им се закануваат извршители, единствен излез гледаат во повторно активирање на погоните, барем со дел од производните капацитети.
Што ќе биде со 700 работници и нивните семејства?
Над 700 вработени во Југохром се најдиректно засегнати од сите проблеми со сопирањето на производството бидејќи нивната егзистенција е под закана доколку фабриката целосно се затвори на подолг период за што постои голема можност. Синдикалниот лидер Бајрам Амити се пожали дека вработените немаат друг избор, освен можеби масовно да се иселат.

„Последиците би биле навистина катастрофални. Зошто во целиот регион Југохром остана единственниот поголем капацитет кој работи и вработува толку многу луѓе. Ако навистина се случи најлошото, во што работниците не сакаат да веруваат, тогаш останува секој да се снаоѓа за својата егзистенција, а тоа нема да биде во државава, туку надвор со напуштање на родните огништа за секогаш“ посочи Бајрам Амити во интервју за Фактор дадено неодамна.
Токму затоа бараат да се укине забраната за работа на Југохром и во текот на производството да се поставуваат филтрите на дел од капацитетот на печките што е сосема возможно според градежниот план и добиената дозвола. Во спротивно синдикатот ќе продолжи со протестите.
„Не можеме да бидеме неми набљудувачи ако некој сака на сила да ни ја одземе егзистенцијата, ние нема што да изгубиме, затоа сите сили ќе ги насочиме во сè поголем притисок“, вели Амити.

Кој навистина го загадува Тетово и зошто не се преземаат мерки?
По сите преземени чекори од Министерството за животна средина утврдено е дека е неопходно да се постават филтри за отпрашување и систем кој ќе го намали загадувањето, не само на воздухот туку и на целокупната животна средина.
Компанијата Југохром Фероалојс тоа веќе го прифати и изготвен е проект вреден 12 милиони евра кој треба да се реализира во две фази. Тетово иако е еден од најзагадените градови во Европа не е директно засегнат од работата на Југохром поради самата локација на фабриката во подножјето на Жеден планината и влијанието на Ружата на ветрови.
„Ние не бегаме од нашата општествена одговорност, не сме ниту единствен, уште помалку најголем загадувач во Тетово. Затоа не отстапуваме од ставот дека системот за отпрашување можеме и целосно ќе го поставиме во текот на производството“, неодмна изјави Васко Скендеровски, главниот директор на Југохром.
мерењата покажуваат дека воздухот во Тетово и околината и кога печките не работат е многу загаден со присуство на штетни ПМ честички неколку пати над дозволеното. Во прилог на тоа одат мерењата направени кога Југохром работел со 60% капацитет на 24 декември минатата година со што биле измерени 591,6 мг/м3, додека пак на 28 јануари 2016 кога компанијата воопшто не работи измерени се 444,6 мг/м3 штетни честички во воздухот.

За почисто Тетово мора да се утврди вистинската причина за загадување
Според повеќе релевантни анализи загадувањето на Тетово и околината се должи на човечкиот фактор како што е дивата и неконтролирана сеча на дрва, греењето со биомаса од несоодветни материјали како автомобилски гуми, пластика, јаглен и постоењето на диви депонии. Вработените велат виновниците треба да се бараат во општина Тетово, каде не се преземаат сериозни чекори за намалување на загадувањето кое не е резултат само на нивниот комбинат. Бегањето од одговорност во изминатите години доведе до големи последици врз животната средина и здравјето на луѓето во Тетово.
Сепак, Југохром го прифаќа својот удел во влијанието врз животната средина и затоа обезбеди Интегрирана А дозвола со досега реализирани 14 мерки од кои пречистителна станица и пречистување на комунални води. Вредноста на проектот изнесува 12 милиони евра и отпочнат е со градба во август 2016 година, кога е добиена градежната дозвола.
Како ќе се реализира проектот за отпрашување?
Според планот на компанијата проектот за отпрашување предвидува три паралелни погони со опрема за отпрашување со вентилатори и микрофибер вреќи и тоа ќе се реализира во две фази. Во првата предвидени се филтри на две најголеми печки (60 % од капацитетите), а во втората фаза филтри ќе се постават и на останати печки.
Што понатаму?
За значењето на Југохром Фероалојс укажуваат и податоците дека компанијата учествува во БДП со 1,0% и 7,5 % учество во вкупната металургија. Според податоци на компанијата просечната плата изнесува 330 евра што е значаен приход за многумина.
Југохром неодамна повторно побара од владата да го продолжи рокот за поставување на филтер станицата за нови 18 месеци и во меѓувреме, интензивно ќе се работи на изградбата. Причината поради која филтер станицата не се изградила во предвидениот рок е затоа што била сложена процедурата за добивање на дозволата за градба.
Аргументите за активирање на Југохром според вработените се многу силни бидејќи и самите се свесни за можните последици врз животната средина, а тука не гледаат нивна вина, туку силен притисок од еколошките организации и мешање на политиката.
