Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОСИЕ ЧИНГОВСКИ: нуклеарни амбиции заробени во партиски синџир!

ДОСИЕ ЧИНГОВСКИ: нуклеарни амбиции заробени во партиски синџир!

Еден од луѓето во вчерашните снимки на опозицијата е Влатко Чинговски, кој важеше за човек кој енергетиката ја има во малиот прст. Сепак, амбициозноста на Чинговски тешко се рефлектираше на терен. Некои велат дека токму партиските задачи му ги беа врзале рацете на амбициозниот енергетичар, кој своевремено беше многу отворен кон јавноста, новите идеи и проекти. Сепак најавите останаа само најави.

Во април 2012 година, Влатко Чинговски си поднесе оставка од функцијата прв човек на ЕЛЕМ, на која беше поставен во септември 2006 година, односно набрзо откако ВМРО-ДПМНЕ, ги доби изборите. Практично, по речиси шест години директорување Чинговски го напушта ЕЛЕМ, компанија која важи за една од најбогатите во државата.

Официјално оставката ја образложи со лични причини. Неофицијално, во јавноста имаше повеќе шпекулации за неговото заминување, една беше дека цели за амбасадор во Јапонија, земја во која има докторирано на факултетот за инжинерство, а друга верзија беше дека сепак, Чинговски имал недоразбирање со дел од луѓето во Владата, со оглед дека за енергетскиот сектор, постојано се шпекулираше дека постојат две „струи“ во Владата.

По неговата оставка, сега тој е професор на универзитетот во Штип.

Спор со ЕВН

Чинговски, седна во фотељата на ЕЛЕМ, кога веќе делот Дистрибуција од тогашното ЕСМ, беше продаден на Австријците од ЕВН.

Но, многу бргу, односно веќе во 2009 година стартуваа и недоразбирања за меѓусебни долгови меѓу двете компании, државната ЕЛЕМ и приватната ЕВН. ЕЛЕМ бараше 200 милиони евра од ЕВН.  Недоразбирањата стигнаа и до решавање на спорот пред меѓународна Арбитража во Вашингтон и во Лондон, каде ЕВН поднесоа тужби.

Но, по две години отворена војна сепак, на два дена пред изборите во 2011 година, ЕВН ги повлече тужбите. Проблемите беа надминати.

Опозицијата го обвини за половина милион евра за спонзорства за шест месеци директорување

Фотељата на Чинговски, се најде на удар на медуимите само шест месеци откако седна на таа позција. Имено тогаш, пролетта 2007 година, излезе аферата дека за само шест месеци откако стана директор, Чинговски потрошил 500.000 евра за спонзорства.Информацијата ја обелодени составот на тогашниот Надзорен одбор, чии членови повеќето беа од НСДП. Но, само неколку дена подоцна беа сменети сите седум члена на Надзорниот одобр  откако Владата оцени дека ги пречекорил своите овластувања. А, истовремено, Владата констатираше дека информацијата не е точна, нема кршење на статутот на компанијата или каква било злоупотреба од страна на Управниот Одбор, односно на неговиот претседател, Чингоски.

Намалено производство, зголемен увоз

Серија испади на РЕК Битола, се случуваа, (кои и денеска се актуелни), но тогашниот директор Чинговски на новинарите дури им одговараше дека не знае за какви испади на блоковите на РЕК Битола зборуваат, опозицијата го обвини дека го намали производството на струја, и дека во негово време се произведувало помалку струја од времето на Панде Лазаров. Сето тоа се случуваше во време кога максимално растеше увозот на струја во државата, а познавачите коментираа дека со парите што се дадени за увоз на струја, Македонија во последните 8 години можеше да изгради капацитет голем колку уште една РЕК.

Сомневања за криминал во РЕК

Во 2010 година дванаесетмина директори и раководители во РЕК „Битола“ беа  осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување за злоупотреба на 7 милиони евра, пари на комбинатот. Од ЕЛЕМ тогаш изјавија дека нема да се мешаат во постапката на надлежните институции, но работата никогаш докрај не се разјасни.

Проекти што не успеа да ги реализира

Во времето на директорувањето на Чинговски се паметат и неколку пропаднати тендери за Чебрен и Галиште, како и за ТЕЦ Неготино, но исто така во негово време е донесена и енергетската стратегија според која во 2026 година во Македонија е предвидено да се гради нуклеарна Централа во Мариово.

С.Н.

Слично

Поврзани вести