Досие Александар Обрадовиќ: Топ менаџер или балкански мешетар во енергетиката?
Која е позицијата на Србинот Александар Обрадовиќ во ЕЛЕМ, богатата државна компанија за производство на струја? Советник, директор во сенка или нема каква било функција. Од сите најави за назначувања на новата влада на Зоран Заев, со сигурност може да се каже дека најголеми политички препукувања меѓу власта и опзицијата предизвика таа дека на чело на македонските државни електрани ќе застане контроверзниот поранешен директор на српското државно електростопанство. Причините за тоа, секако, треба да се бараат во големата важност на ЕЛЕМ за редовно снабдување со струја на македонската економија, нејзината обилна каса од која се исплаќаат тендери тешки десетина милиони евра, а ништо помалку атрактивна е постојаната најава дека се подготвува приватизација на државната компанија чија вредност се мери во милијарди евра.
Препукувањата околу екс- директорот на „Електропривреда Србије“ (ЕПС) почнаа веднаш откако тој се спомна како еден од најсериозните кандидати за директорската позиција во ЕЛЕМ. Оваа информација на почетокот на јули ја потврди и премиерот Зоран Заев, а во меѓувреме, Србинот доби и македонско државјанство со одобрение од Владата во постапка каква што се применува за лица кои се од особен економски, културен, спортски или друг национален интерес. Според Заев, „Обрадовиќ е квалитетен кадар во областа на енергетиката“, додека за ВМРО-ДПМНЕ тој е „човек со сомнително и криминално минато, балкански мешетар осомничен за корупција“.
Сепак, засега, контроверзниот Обрадовиќ не седна во директорската фотелја во ЕЛЕМ, ниту стана дел од новиот тим на најбогатата државна компанија, туку е ангажиран како надворешен советник во Владата.
- Александар Обрадовиќ е надворешен советник за економски прашања за соработка на Република Македонија со земјите во регионот во кабинетот на премиерот. Висината на месечниот надоместок е 72.000 денари- вели Миле Бошњаковски, владин портпарол.
Црна- бела слика
И во српските медиуми може да се најде само црно-бела слика за биографијата на Обрадовиќ, во зависност кон чија политичка опција е наклонета уредувачката политика. Медиумите блиски до актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, „Информер“, „Блиц“ или „Курир“, го претставуваат како раскалашен директор кој се луксузира со државни пари во скапи хотели со пејачки и тв водителки, додека за другата опција тој е спасител на српското електростопанство, кое го извлекол од милионски долгови и го претворил во профитабилно претпријатие.
Обрадовиќ влезе ЕПС во 2012 година како кадар на Српската напредна странка и на личен предлог на тогашниот вице-премиер Александар Вучиќ, но беше избран на јавен конкурс во конкуренција на 70 кандидати. Пред доаѓањето во ЕПС веќе имаше репутација на водечки меѓународен менаџер со богато професионално искуство. Работеше како регионален директор на државната чешка електрокомпанија ЧЕЗ за српскиот пазар, а беше и менаџер за стратегија и инвестиции во една од најголемите француски компании „Лафарж“ во Париз.
Компанијата ја затекна во тешка состојба, со акумулирани загуби од 2 милијарди евра, празна каса, а фирмата не беше подготвена за либерализација на пазарот на електрична енергија, задолжителна обврска за Србија на патот кон членство во Европската унија.
Под негово водство, ЕПС од повеќедецениски загубар станува профитабилна компанија и во 2013 година се искачува на второто место на листата со најпрофитаблини српски компании. Со реорганизацијата на ЕПС се укинаа 400 директорски функции, а кога замина од ЕПС во 2015 година зад себе остави повеќе од 400 милиони евра во касата на компанијата.
Војна на интересни групи
Но, за да ги постигне овие резултати, Обрадовиќ влезе во отворена војна со голем број интересни групации кои на разни начини цицаа пари од ЕПС и со синдикатот кој имаше големо влијание во поделбата на тендерите и во вработувањата.
Медиумите во Србија пишуваа дека плаќал 10 милиони евра за советници, дека доделувал тендери за консултатски услуги на нему блиски фирми и дека платил 350 илјади евра само за промена на логото на фирмата. Обрадовиќ беше честа тема во таблоидите со скандалозни приказни за луксузирање и трошење на јавни пари за скапи симпозиуми во елитни хотели и за неговиот интерес кон естрадни женски личности кои ги вработувал во кабинетот. На најголем удар се најде по големите поплави во Србија во 2014 година, кога се откри дека важни енергетски капацитети како хидроелектраните „Ѓердап“ и „Југоисток“ и рударскиот басен „Колубара“ не биле осигурени. Објаснувањето од страна на ЕСП за ова беше дека некои деловни единици не ја послушале наредбата на раководството да земат полиси од „Винер“ и од „Уника“, со кои биле покриени и штети од поплави, туку своеволно потпишале договори со „Дунав осигурување“, во кои не биле предвидени исплати во случај на поплава.
И покај сите овие афери, Обрадовиќ остана во фотелјата на ЕПС се до ноември 2015 година, кога синдикалците открија дека набавил два нови „аудија“ во време кога компанијата била во фаза на штедење. Иако Вучиќ јавно изјавуваше дека ова ја прелило чашата на незадоволство од работата на Обрадовиќ, се утврди дека оваа информација не е точна бидејќи сите набавки, вклучително и на овие автомобили, претходно биле одобрени од Владата на Србија. Поради тоа, се смета дека смената на Обрадовиќ е чист политички потег на Вучиќ за да си обезбеди поддршка од страна на синдикатот на ЕПС на парламентарните избори во 2016 година.
М.Б.
