ДОСЕГА НЕМА НИТУ ЕДНА КАЗНА ЗА ЗАМРЗНАТИТЕ ЦЕНИ И КЕСИТЕ - трговците ги почитувале владините мерки, но имаат и недоумици
Трговците ги почитуваат владините одлуки за замрзнување на цените на основните производи, но и за забраната за употреба на пластичните кеси. Ова е генералниот заклучок на директорката на Државниопт пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска, откако од први декември Владата одлучи да замрзне цени на неколку вида на основни продукти, а пред неколку дена додаде и дополнителна листа производи чии цени трговците не смеат да ги зголемуваат.
Симеска-Димоска вели дека пазарните инспектори се постојано на терен и вршат контроли во трговските објекти, со цел да се провери дали тие ја почитуваат владината одлука за замрзнување на цените.
„Државните пазарни инспектори на терен континуирано вршат проверки и можам да кажам дека досега не е утврдено непочитување на владината одлука. Односно, нема зголемување на цените на утврдените производи“, вели Симеска-Димоска.
Според директорката на ДПИ, биле констатирани само неколку прекршувања на прописите од друг карактер, односно во трговските објекти не можела да се најде евиденција од претходните цени на тие производи до 30 ноември, и тие трговци се задолжени до Државниот пазарен инспекторат да ја достават таа евиденција.
Се појавиле и некои трговци кои ги зголемиле цените на 30 ноември, по што од Пазарниот инспекторат биле опоменати дека тоа не е дозволено и дека цените треба да се вратат на претходното ниво.
Но, како што објаснува Симеска, се појавиле и некои дилеми, бидејќи на 30 ноември, или на 1 и 2 декември на самите трговци им се зголемиле набавните цени, значи зголемени се цените од местата од каде што ги набавуваат производите. Затоа трговците имале дилеми како да постапат, но од ДПИ е јасно укажано дека владината одлука мора да се почитува и дека од први декември не смее да има зголемување на цените, но не се дозволени ниту зголемувањата кои биле направени на 30 ноември.
За многу од овие нејаснотии трговците се јавувале во ДПИ со прашања, на што ги добивале сите потребни одговори.
„Како и да е, досега нема проблеми кај трговците со почитување на оваа мерка и не е изречена ниту една казна за одлуката за замрзнати цени“, вели Симеска-Димоска.
А како што е познато, казните се многу високи, и во зависност од големината на трговскиот објект се движат од 800 до 10.000 евра за трговскиот објект, како и од 50 до 500 евра за одговорното лице, како и од 150 до 250 евра за трговец поединец.
Како што е познато, неодамна владата донесе одлука дека цените на оризот, јајцата и тестенините до крајот на месецов нема да претрпат промени, откако на предлог на Министерството за економија се прошири листата на производи со замрзнати цени. Притоа беа исклучени цените на привремените попусти кои важеле на први декември 2021 година. Претходно владата ги замрзна цените на лебот, брашното, месото, шеќерот, зејтинот, млекото, како и на сувомеснатите производи, сирењето и урдата. За оваа одлука се наведе дека ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Бизнисот реагираше на оваа владина одлука, со образложение дека цените трговците ги зголемуваат не дека тие сакаат, туку дека такви се трендовите на пазарот и овие прозиводи едноставно се набавуваат по повисоки цени од добавувачите.
А, од први декември, како што е познато, е забранета употребата на пластичните кеси, со тоа што граѓаните нив можат да ги купат по многу висока цена, од 15 денари по парче.
Државните инспектори правцат и такви контроли на терен, и како што вели Симеска-Димоска, и во овој дел нема прекршување на прописите.
Сепак, таа нагласува дека за ова прашање навистина има некои недоумици кои се појавуваат кај трговците и производителите. Од тие причини, меѓу овие бизнисмени од Сојузот на стопански комори и Државниот пазарен инспекторат е закажана средба, најверојатно за понеделник идната недела, на која ќе треба да се дискутира за сите видови нејаснотии кои конкретно се појавуваат на терен и како треба да се однесуваат стоппанските субјекти.
Н.Н.Ф.