Досега на 9000 граѓани им се отпишаа долговите за струја, кредити …
Во рамки на владината мерка за еднократен отпис на долгови на граѓаните досега се отпишани долговите на 9000 граѓани, или деветстотини милиони денари (15 милиони евра).
Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, на второ место се кредити и минуси на трансакциски сметки, на трето место долгови за радиодифузна такса и на четврто долгови за топлинска енергија.
Решенијата беа доделени од страна на премиерот Никола Груевски, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
- Во духот на нашите заложби засновани на начелата на хуманизам, социјална праведност и солидарност изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови на граѓани. Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменета да помогне на најпогодените наши граѓани, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.
Еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар, посочи премиерот.
