Донесена одлука – се става крај на злоупотребите со црвената нафта
Државата става крај на злоупотребите со црвената нафта за транспорт. Владата го прифати предлогот на Стопанската комора и дистрибутерите за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизелот.
Изедначувањето на акцизата има и економски и еколошки бенефит. Добива буџетот, кој отсега нема да губи по 12 денари од литар екстра лесно гориво што нелегално се користи во транспортот, добива животната средина и добиваат граѓаните кои ќе возат квалитетни горива.
По направените анализи од Министерството за финансии, државата се одлучи за конкретни мерки со кои се спречуваат злоупотребите, односно се оневозможува економскиот профит и со тоа мотивот за правење малверзации со употреба на екстра лесното гориво во транспорт.
Според пресметките на Стопанската комора, која прва излезе со предлогот за изедначување на акцизата на црвената нафта и дизелот, освен поголеми приходи во буџетот за околу девет милиони евра годишно, ова ќе резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати од 50 илјади килограми, на 500 килограми на годишно ниво.
Според статистиката годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од 5 милиони литри.
Со изигрување на досегашната правна рамка по ова прашање на пазарот како гориво за транспорт завршувале околу 45 милиони литри екстра лесно гориво за греење.
Поради ваквата состојба, според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, некаде во Буџетот на државата недостасуваат околу 30 милиони евра. Средства што сега директно ќе се слеваат во државата каса.
Стопанската комора во април годинава излезе со иницијатива за изедначување на акцизата на екстралесното гориво со дизелот, како една од антикризните мерки за справување со последиците од корона кризата од една страна, но и за конечно ставање крај на злоупотребите со ова гориво. Идејата беше поддржана од дистрибутерите на нафта и нафтени деривати во државата, а откако анализата на Министерството за финансии го потврди тоа што со години се знае, и државата се одлучи за конкретни мерки за сузбивање на криминалот.
