Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дона Костуранова: УКИМ носи вина за погазувањето на студентските права!

Дона Костуранова: УКИМ носи вина за погазувањето на студентските права!

“Образованието не е имуно на општествените проблеми со кои се соочува целата држава. Корупцијата, партизираноста, репресијата и угнетувањето  го прават својот дел од штетата и врз образованието. Решението нема да биде едноставно и излезот нема да биде еден чекор, треба години работа за унапредување на нашето општество и образование од состојбата во која се наоѓа. За почеток треба одлуките да се одземат од рацете на корумпираните моќници и да се дадат на експертите и да се чуе гласот на оние на кои тие одлуки најмногу влијаат, во случајов студентите и средношколците” - вели за Фактор, Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот образовен форум.

Изборите на СПУКМ како што вели имаат историја на нерегуларности и речиси секое нивно одржување е проследено со незначителен број гласови, обично десеттина отсто во однос на целокупната студентска заедница, со кои се „крунисува“ нов студентски „лидер“. Непревземањето одговорност од Ректорот и Универзитетскиот сенат до кои беа упатени апели а и детална документација од студентите кои алармираа за состојбите со СПУКМ, според неа  исто така одиграа голема улога и носат вина за ужасниот расплет на настаните и погазувањето на студентитските права.

“Минатонеделните избори беа најниското дно кое досега го има допрено СПУКМ. Распишани со 2 години доцнење и само поради притисокот од студентите, во екот на летото и по крајот на академската година, беа проследни со: прекршување на правото на тајно гласање и немање паравни, немање  избирачки список, немање евиденција за студенти кои гласале, немање целосни изборни комисии со три членови, неозначени гласачки ливчиња, невалидни печати на Студентските парламенти и на крајот на денот - одземање на гласачките кутии од местата на гласање”- смета Костуранова.

Прашање е вели што бранеше полицијата бидејќи во соопштението на МВР полицијата вели дека биле пред СПУКМ за да не „дојде до нарушување на јавниот ред и мир“ и поради „порчување на внесување на избирачкиот материјал за пребројување во канцелариите“.

“Правилниот за спроведување на избори налага избирачкиот материјал да се брои на гласачкото место, односно факултетите, што значи дека насилното земање на кутија од гласачкото место и нејзиното носење на друга локација односно СПУКМ е практично кражба и прекршување на правилникот. Во своето соопштение испуштиле да кажат дека имаат повеќе телефонски повици токму од пленумците кои се првите кои бараат полицијата да дојде пред СПУКМ. Полицијата треба да објасни зошто се изјаснила ненадлежна на повиците на пленумците, а на повиците на СПУКМ била надлежна да фрла студенти по ходници. Треба да се објасни и прекумерното полициско присуство на самиот ден кое е несразмерно и со бројот на студенти таму и со нивниот ненасилен начин на спречување на кражба на избирачки материјал и потенцијално полнење кутии”- вели Костуранова.

Студентскиот „Парламент“  на УКИМ според неа  треба да стане студентски парламент во вистинска смисла, а не во постоечката извитоперена, централизирана и елитистичка форма. Студентите во моментов како што вели само  теоретски уживаат право на учество и имаат право на глас во сите тела каде се носат одлуки и значаен број на гласови преку кои можат да влијаат на нив. Но  поблемот е што СПУКМ ги запоседнува тие гласови и не ги претставува студентите, а дополнително не одговара пред нив ни за своето гласање ни за студентските средства кои ги користи, а академската заедница го толерира ова.

“Потребно е да се реформира структурата на СПУКМ и да заличи на парламент во кои студентите ќе ги бираат сите свои претставници и ќе им се овозможи на сите студенти и организации да се кандидираат без двојни стандарди како во моментов. Вториот момент се самите избори, за кои треба да се постават превентивни механизми за нови злоупотреби. Трето е студентската претставничка организација да почне да се однесува одговорно пред студентите кои ги претставува, наместо како сега да работи колку може повеќе студентите да знаат помалку за нејзината работа”- објаснува извршната директорка на МОФ.

Новоформирана комисија во рамките на УКИМ  треба да работи на  менување на статутот во делот на организацијата и контролата врз работата на СПУКМ но од досегаѓната пракса ваквите работни тела создаваат недоверба, посебно затоа што се уште е многу свеж примерот со пропаднатата работна група за измени на Законот за високо образование. Дополнителен проблем е што во таа комисија учествуваат професори кои самите сметаат дека нема ништо спорно со 2 години истечените мандати на студентските претставници.

“Сепак, во таа комисија има и студенти и ова е можност универзитет да покаже дека се грижи за нивните потреби и да ги чуе. Во моментов, единствено логично надминување на оваа состојба е Ректорот и универзитетскиот сенат да не ги признаат овие избори, а оваа нова комисија да го реформира моделот на студентско организирање и студентски избори и штом ја заврши својата работа да се распишат нови, легални и легитимни избори за студентски претставници”- нагласува Костуранова.

И додека студентите и професорите се обидуваа да спречат нелегална седница на Универзитетскиот сенат со истечени студентски мандати и во екот на најконтроверзните студентски избори Собранието по скратена постапка даде зелено светло за новиот универзитет Дамјан Груев. Сите овие настани од минатата недела според Костуранова  покажуваат дека постои сериозна причина за грижа за иднината на образованието и правата на студентите.

Ние како што вели веќе губиме многу,  губиме квалитет на образование кој само опаѓа, губиме јавни средства поради непромислени реформи кои чинат многу,  а не само што даваат малку туку прават трајна штета, губиме млади луѓе кои огорчено си бараат подобро образование и подобра иднина во странство. Она што го добиваме во моментов вели Дона Костуранова  се млади кои се будат токму поради  овие проблеми и кои даваат се од себе да го подобрат образованието во кои самите учествуваат. Ако продолжи игнорирање и покажувањето сила врз нив, вели сигурно ќе продолжиме да тонеме само подолу.

Ректорската управа за денеска закажа вонредна седница која доаѓа по прозивките од страна на студентите од Пленумот дека Универзитетот мора да ги осуди нелегалните избори за студентски претседател, како и полициската  интервенција по која пленумци беа насилно отстранети од пред просториите на СПУКМ.

 С.Б.

Слично

Поврзани вести