Домашен бизнисмен презеде позната холандска инвестиција во Јегуновце
Бизнисменот Влатко Серафимовски од минатиот месец е нов сопственик на агрокомбинатот Борец кој претходно во полошкиот регион под холандска инвестиција прерасна во еден од најголемите расадници на зимзелени садници во Европа.
Сопственикот на Мулти Шпед, компанија која во транспортот и логистиката има годишен обрт од околу 25 милиони евра, агрокомбинатот од Прељубиште во општина Јегуновце го презема од холандскиот инвеститор Еуропиан Плантс.
- Како што знаете претходниот сопственик почина во несреќен случај во инцидент со локален работник, а неговата сопруга по подолго време работење реши овој бизнис да ми го довери на мене, затоа што јас веќе соработував со Еуропиан Плантс и го извршував транспортот, односно извозот и царинското администрирање. Претпријатието го затекнав во не толку добра состојба, но со правилно инвестирање може да се остварат уште подобри реултати, ни рече Серафимовски.

Тој вели дека во моментов „Борец“ има нешто повеќе од 100 вработени, а најголемиот дел од извозот е насочен кон Романија, Бугарија и Србија. Во 2027 Серафимовски очекува зголемен број на садници.
- Во моментов ние имаме на располагање 120 камиони како апсолутна бројка, но ќе бидат потребни барем 230 за да можеме да го реализираме идниот извоз. Ќе биде потребна и една почента инвестиција од еден милион евра, а ќе побарам и дозвола од стариот сопственик да го користам нивното име - Еуропиан Плантс, за да бидеме попрепознатливи. Минатата година аплициравме и кај Платежната агенција за да добиеме грант, но ИПАРД програмата беше прекината. Пазарот добро го познавам. Фаворизирани дестинации беа Германија и Полска, но сега како што изгледа, бидејќи во тек е сезоната, најголемите продажби ќе бидат во Романија, Бугарија и Србија, додава Серафимовски.

Производството на Еуропиан Плантс завршува во голем број на европски хипермаркети, градинарски центри и онлајн продавници поради широкиот асортиман.
Расадникот за декоративното градинарство од Македонија.се вбројува во топ 5 во Европа по број на садници. Се одгледуваат садници на 350 хектари земја во производство.
Минатата година се одгледуваа околу еден милион декоративни садници, а целта е да се достигне произодство од над два милиони садници.
A.K.
