ДОМ:Во кругот на ОХИС има опасни хемикалии, Владата да преземе мерки
Партијата ДОМ предупредува дека ОХИС во моментов е активирана бомба, која може да експлодира и да предизвика еколошка катастрофа, која ќе го погоди не само главниот град, туку и целата Вардарска долина.
Оваа опасност постои поради стотина тони опасни хемикалии кои се високо токсични, запаливи и експлозивни, складирани во дворот на старата фабрика. Од пред една недела генералниот директор и управниот одбор поднесоа оставка, а уште не се именувани нови членови, што значи дека ОХИС е обезглавен, без носители на одговорност за управување со него и без контрола на службите за обезбедување и противпожарна заштита.
„Затоа ДОМ бара Државниот инспекторат за животна средина да изврши итен увид на состојбата и да ги задолжи државните институции да постапат со соодветни мерки и активности за намалување на опасноста од хаварија. Апелираме Владата на Република Македонија итно да направи прераспределба на буџетски средства од непродуктивни трошоци кон решавање на една од жешките еколошки точки, но и кон решавање на егзистенцијалните проблеми на вработените од ОХИС“ – рече портпаролот Тони Ристов.
Во кругот на ОХИС, покрај веќе познатиот пестицид линдан, се складирани и други опасни хемикалии, како 35 тони акрилонитрил мономер, кој може да го уништи целокупниот животински и растителен свет по течението на Вардар, 20 тони активни супстанци за производство на пестициди, кои се многу токсични ако истечат во почвата, 2,5 тони хлор во контејнери со дотраен материјал, па при негово истекување може да предизвика сериозни проблеми по здравјето на луѓето.
Слично
