ДОМ и Европските Зелени се надеваат на брза разврска на кризата
Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска денеска на прес-конференција со Европските Зелени изјави дека партијата останува на ставот дека избори на 5 јуни не може да има, затоа што нема елементарни услови тие да бидат демократски.
Сметаат дека со само една пријавена партија, тоа би бил театар на апсурдот, со враќање во еднопартиски систем.
ДОМ смета дека менаџирањето на политичката криза треба да добие нова динамика, за да се избегнат натамошните штети за Македонија. Со оглед на тоа што врвот на владејачката партија е зафатен со играта во театарот и одбива да се однесува рационално, не очекуваме да дозволи ниедно од можните решенија на заплетот: ДИК да заклучи дека нема услови за демократски избори со само една пријавена партија, претседателот на Собранието да свика седница заради излез од кризата, Уставниот суд да ја поништи одлуката за избори на 5 јуни како неуставна.
„Затоа, во една ваква нерационална ситуација, можност да и помогнат на државата имаат пратениците, чиј мандат се уште трае. Може 62 пратеници да свикаат собраниска седница, да ги поништат одлуката за избори и одлуката за аболиција, да формираат техничка влада, да донесат закон за медиуми и одлука за формирање специјално судско одделение и да направат транспарентен и цврст механизам за чистење на избирачкиот список. Со една посветена и сериозна работа, може да постигнеме да се одржат фер и демократски избори наесен, на датум што дополнително ќе се утврди“- рече Поповска.
Претседавачот на Европските Зелени, германскиот европратеник Рејнард Бутикофер и се заблагодари на Поповска и на ДОМ како партија за гостопримството и за можноста да се реализира оваа комуникација.
„Ние имаме и зголемен интерес за она што се случува во Македонија. Сакам да споменам дека ние секогаш го користиме официјалното, уставно име на Република Македонија. Значи ние во редовите на Европските Зелени имаме претставник од Република Македонија“- додава тој.
Тој смета дека земјата поминува низ политичка криза и оти треба да се донесат одлуки дали таа ќе оди во вистнски правец на демократизација или ќе биде земја со „демократија“ на една партија. Тој нагласи дека секој демократ, секој кој ги поддржува европските идеали и зачленувањето на Македонија во евроатлантската заедница и посакува европска иднина, треба да се соедини и тие сили да помогнат и да ги засилат своите активности во тој правец.
Европските Зелени се убедени дека во преговорите треба да се зголеми бројот од сегашните четири големи партии, со претставници на движењето „Протестирам“ и со други партии како рамноправни партнери.
