Долга ноќ во СДСМ
ОБНОВЕНО: Најновата вест од СДСМ е дека е донесена одлука за бојкот на изборите, но дека се очекува напорите на странците за изнаоѓање политичко решение за излез од кризата ќе продолжат.
Долга ноќ во СДСМ
Седницата на Централниот одбор во СДСМ се очекува да трае до доцна оваа ноќ, дознава Фактор од извори во партијата. Засега нема решение, за тоа каква може да биде одлуката на партијата во однос на учеството на претстојните локални избори.
Од она што го дознаваме, постојат мислења и за и против учеството на СДСМ на изборите под условите кои ги наметна владејачката коалиција. Откако денес беше преточен во закон, а потоа официјализиран предлогот, рокот за поднесување кандидатски листи да трае до трети март, се засили внатрешниот притисок во партијата, особено, во условно речено, општините под контрола на СДСМ за учество на изборите, што е логично со оглед на барањата на членството на партијата во тие региони.
Сепак, партијата е пред одлука, како полесно ќе стигнат до остварување на своите цели, кои се, велат оттаму, цел и на секој нормален граѓанин на земјата.
Дали преку бојкот, или преку учество на изборите. Во услови кога, како што велат, во државата е суспендирана демократијата голем ризик, велат извори во СДСМ, е учество на избори, кои поради автократскиот начин на владеење на ВМРО ДПМНЕ не би можеле и на терен да ја одразат вистинската волја на граѓаните. Оттаму, засега партијата е поблиску до одлуката за бојкот отколку за избори, но ќе видиме што ќе донесе ноќта.
Јанкуловска: СДСМ да се врати во политичките текови
Од ВМРО ДПМНЕ денеска ја повикаа опозицијата да „се врати во изборниот процес“, ветувајќи дека следните локални избори ќе бидат демократски.
Измените на законот, со кој се овозможи пролонгирање на рокот за поднесување листи во јавноста ги појасни Гордана Јанкуловска, како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој чекор е направен врз основа на досегашните принципиелни ставови на ВМРО-ДПМНЕ водејќи се од позициите за заштита и промоција на граѓанските, државните и национални интереси, како и за реализација на евроатлантските интеграции на државата“, вели Јанкуловска
САД, ЕУ, ОБСЕ: Решете ја кризата без ултиматуми, фискни позиции и краткорочни тактики
Од друга страна денеска со заедничка изјава мисиите на САД, ЕУ и ОБСЕ ги повикаа политичките партии да да преземат одговорност и без одложување да стават крај на актуелната политичка криза во земјата.
„Земјава во моментов се наоѓа на критична крстосница. Моменталната криза ги загрозува аспирациите на граѓаните за подобра иднина, како и политичката стабилност на земјата. Мора да се преземат чекори за одалечување од јавните ултиматуми, фиксни позиции и краткорочни тактики, а кон приближување до директен дијалог и компромис од најдобар интерес за граѓаните и државата. Во овој контекст ги повикуваме политичките лидери да преземат одговорност и без одложување да најдат конечно решение за моменталната политичка криза, се вели во заедничката изјава од ЕУ, ОБСЕ и САД.
Слично
