Долга е листата должници на УЈП, кој се должи?
На Управата за јавни приходи и должат над 4.000 фирми, јавни претпријатија и физички лица.
Тие се објавени на веб страната на најновата листа на УЈП. Се работи за долгови доспеани до крајот на февруари годинава и неплатени до крајот на мај по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. Вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Меѓу должниците се ЈП „Македонија пат“, „Македонски шуми“, Јавното претпријатие за комунални дејности – Гостивар, Јавно комунално претпријатие – Тетово, Македонската радио-телевизија, Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија и други.
Управата за јавни приходи може да објави податоци без согласност на даночниот обврзник на својата веб-страница заради исправка на непотполни информации кои се објавени во листата на должници.
Подолг временски период на листата на должници се појавуваат исти субјекти.
