Економија, финансии, бизнис

Контакт

Договорот за унгарското малцинство – историска шанса за Украина на патот кон ЕУ

Договорот за унгарското малцинство – историска шанса за Украина на патот кон ЕУ

Украина и Унгарија минатата недела се договорија за олеснување на патот на Украинците кон Европската Унија. Премиерот на Унгарија, Петер Маѓар, соопшти дека „Украина презела „широки и сеопфатни обврски“ во поглед на унгарското малцинство во Закарпатје, регионот во Украина населен со Унгарци. Истовремено Унгарија го симна ветото за напредок на Украина кон ЕУ. Официјален Киев  зборува за нова страница во односите во заедничката европска иднина.

На прв поглед обете страни се полни со оптимизам. Украинците сметаат дека сега, кога го нема Виктор Орбан, поранешниот унгарски премиер, работите ќе одат полесно. Но токму Маѓар не се откажа од орбановите услови за симнување на ветото – гарантирање на правата на унгарското малцинство. И за три недели, како што вели, го направил она што Орбан не можел една година. Дали сега има гаранции дека унгарското вето нема да се врати? Идната недела на меѓувладина конференција треба да се одржи отворање на првиот кластер за преговорите за влез на Украина во ЕУ. Унгарија даде начелна согласност за тоа, но под еден услов. Украина ќе мора да го усогласи својот акциски план со резултатите од унгарско-украински договор...Ако се случи тоа, унгарската влада ќе се согласи да се отвори првиот кластер. Како што се пренесува во Украина, до 12 јуни украинската влада ќе мора да ги направи измените во акцискиот план, Унгарија да го прочита и да потврди дека во него е ставено се’ она што барала. Наредниот викенд ќе биде напорен за обете страни.

Киев, Будимпешта и Брисел веќе се договорени акцискиот план да стане привремена мерка, која мора да се исполни. Прашањето за унгарското малцинство беше прифатено од ЕУ, уште во времето на Орбан. Што значи ќе биде критериум, дали Украина може да биде членка, гледано според првиот кластер. Во февруари годинава на „политички“ манир на Украина и беше дадена целата детална листа од условите што треба да ги исполни. Сега во неа и официјално ќе биде ставен и унгарскиот амандман. А потоа ништо не ќе може да го смени. Напредокот на Украина ќе зависи од неговото имплементирање.

КОРЕНОТ НА ВОЈНАТА

Инаку Акцискиот план е подготвен од Украина и одобрен од владата уште во 2025 година како „План за мерки за заштита на правата на националните малцинства(заедници) во Украина“. Унгарија тогаш не го прифати. Планот на Украина, знаејќи дека ќе има прашања поврзани со националните малцинства, беше однапред да се дочекаат предизвиците со свој поглед кон нивните права. Украина очекува планот да не претрпи големи измени. А роковите за негово спроведување се до крајот на 2026 година за образованието и 2027 година за другите работи. Ќе треба да се менуваат закони, а не се знае како ќе се однесува Радата кон нив. Особено кон чувствителните прашања. Оние кои се наметнаа во 2015 година, кога после настаните на Мајдан дојде до преземање на власта од страна на националистички настроени групи и поединци. Па под нивно влијание беа укинати јазични и други права на националните малцинства. А дојде и до бунтови, кои беа коренот на денешната војна.

Украински медиуми пренесуваат дека во преговорите со Унгарците инсистирале секое проширување на правата на малцинствата да не се однесуваат на рускиот јазик. И тоа требало посебно да се наведе во нацртите на законот и, по можност, колку повеќе пати, толку подобро. Ова отвора прашање што ќе биде со рускиот јазик по завршувањето на војната? Дали во мировните преговори ќе се премолчи јазикот на најголемото малцинство? Во Украина не е направен попис од 2001 година. Тогаш имало над 37 милиони Украинци, над осум милиони Руси, стотици илјади Белоруси, Молдавци, Кримски татари, Бугари, Унгарци Романци, Полјаци... Овие бројки денес се многу променети.

Ставот на Украина во „поддршката“ на малцинствата бил дека во сите проекти не треба да се зборува за конкретен јазик или малцинство. Во случајов унгарски јазик и унгарско малцинство. Затоа што за Европа е битно да се штитат правата на малцинствата. Без да се споменат, истите права би ги добиле и романското, и полското и бугарското и другите малцинства. Независно што Унгарија го покрена прашањето на малцинствата, Украина гледа да ги задоволи европските барања за национални малцинства.

Двете страни во преговорите од десетината барања од т.н. „план на Сијарто“ за промени, направија три групи. Во првата се образовните прашања, во втората дефинирање на малцинските територии и јазичните права, третата се општествено-политичките права.  Унгарците, за разлика од ригидноста на Орбан, сега биле  пофлексибилни, па е дојдено до компромис. Унгарската влада засега не кажува ништо за „акцискиот план“, за неговата содржина. Се користи она што го соопшти Маѓар, а некои украински медиуми успеаја да дојдат и до некои детали. Се воведува статус „училиште на национално малцинство“. Во нив ќе можат да се користат унгарски симболи, учениците да ја пеат унгарската химна, да поставуваат национално знаме и натписи на унгарски јазик во училиштата. Да можат да зборуваат на унгарски не само на часовите, туку и на одморите...За да не бидат казнувани. И за ова ќе треба закон! Свидетелства да се издаваат на унгарски јазик. Матурскии и приемни испити да полагаат на унгарски јазик, да полагаат матурски испит од унгарски јазик и книжевност. Бројот на предмети на унгарски јазик да се одредува во согласност со родителите.

ПОЛИТИЧКИ ПРАВА

Посебните правила, посебен статус за малцинствата ќе имаат административните единици каде што малцинството надминува 10 проценти од населението во административната заедница. А онаму каде бројката е 15 проценти тогаш таа територија ќе добие статус „значајно малцинство“ со зголемен број на права. Ова ќе важи не само за градовите и селата, туку и на ниво на области и окрузи. Овој статус дава можност унгарскиот јазик да се користи при давање помош, на спортски и на научни конференции. Да ги слават настаните поврзани со историјата, националната култура и религијата на унгарски јазик. Да има патокази и табли на унгарски јазик, покрај украинскиот. Најголеми права ќе имаат малцинствата на териториите каде традиционално живееле. Со сегашен закон „традиционалноста“ на живеење е 100 години! Сето ова нема да се однесува на рускиот јазик. За Киев проблем ќе биде и унгарската химна. Како и знамето. Можеби ќе се бараат некакви решенија кои би ги задоволиле обете страни.

Како и секаде и секогаш, најтешко е со политичките права. Унгарија и Украина најдоа компромис, но тој може лесно да биде нарушен кога ќе дојде до нивна реализација. Унгарците бараа слободна употреба на јазикот во текот на парламентарните и локалните избори, референдуми... и давање права на застапеност во парламентот. Киев не беше подотвен за ова. Посебно за последното барање. Во села и во градови каде има компактни малцински заедници тоа би можело да се дозволи. Може и да се агитира на унгарски И да се води политичка кампања. Гласачките ливчиња да бидат на унгарски и информативните материјали. Компромис не е постигнат околу политичкото претставување во Радата-парламентот. Украина го променила изборниот систем, во пропорционален, па не можела да направи изборна единица во округот каде што компактно живеат Унгарци.  Ова прашање е „замрзнато“ и ќе иде испратено до Венецијанската комисија, Советот на Европа и ОБСЕ. За да се бара решение за идните избори, кога и да бидат. Некаков механизам за решавање на тоа унгарско барање. Отворено е прашањето дали Унгарија нема да го покрене ова прашање кога ќе истекуваат роковите за реализација на акцискиот план. Конечно, дојде ред и до „културната автономија“. Украина ги отфрли инсистирањата на Унгарците. И ги убедила партнерите дека по руската инвазија разговор за каква било „автономија“ е премногу токсичен.

Сега на Украина и е отворен патот кон почеток на преговорите за членство во ЕУ. Маѓар се согласи да почека, 2026 и 2027 година додека се реализираат сите унгарски барања. Но неговиот однос ќе зависи од темпото со кое Украина го реализира акцискиот план. Маѓар во секое време, бидејќи малцинствата се дел од условите кои мора да се исполнат, може да крене рачна. Но може да даде пас и за отворање на сите шест кластери. Многу работи ќе зависат од политичките игри на ЕУ. Марта Кос, комесарот за проширување е постојано во Киев. Украински експерти цело време се во Брисел и се подучуваат за брза интеграција, иако преговорите официјално не се почнати. Кос сака Украина да биде „интегрирана“ и пред нејзиното официјално членство. Ако може и во време на нејзиниот мандат. А тоа е 2029 година. Унгарците ги чешаат рацете. Урсула фон дер Лајен се сретна со Маѓар и тој крена две рампи за Украина. Тој сега ги чека милијардите евра кои и се ветени на Унгарија уште за времето на Орбан. Можат да му ги дадат и пред да ги исполни потребните услови. Односот на Маѓар е прилог кон приказната за тоа дека интересите се доминанта во политиката.  Милијардите евра од фондовите на ЕУ ќе пропаднат ако не се добијат до крајот на годинава. И затоа сега се води дијалог, Будимпешта - Брисел. Во него сигурно провејува и Киев.  А фон дер Лајен го советува Маѓар да не биде како Орбан.

Украина сега мора да ги забрза работите. Историската шанса треба да се искористи. Ќе биде грешка ако верува дека времето работи за неа, па може да ги одолговлекува работите. Дека ЕУ постои заради неа. Зашто во игра може да влезе нов играч и да ги искомплицира работите. На пример Република Бугарија. Украинскиот портал „Суспиљне“ пренесе дека и Бугарите се заинтересирале за своето национално малцинство во Украина. Според медиумот, во рамките на преговорите за влез на Киев во ЕУ и таа, после Унгарија, може да и постави барање на Украина за своето национално малцинство. Според извори на медиумот Софија сака да добие дополнителни гаранции за бугарското малцинство во таа земја. Дипломат од ЕУ за „Суспиљне“ изјавил дека барањата на Бугарите произлегуваат од проблемот што нивните луѓе во странство(Украина) обично разговараат на руски јазик, а тие сакаат да се развива бугарскиот јазик“.

Понеделник не е далеку. Дотогаш и Киев и Будимпешта можат позитивно да не изненадат. Едните со официјален почеток на преговорите за членство, а другите со полн куфер пари од ЕУ. Само Македонија ја нема никаде. И ништо не прави. Чека друг да и ги решава работите.  Никој друг нема да ти ја направи твојата домашна задача.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести