Економија, финансии, бизнис

Контакт

Договорот умре, да живее Пржино!

Договорот умре, да живее Пржино!
Иако официјално никој не го прогласи договорот за мртов, јасно е дека пржинските преговори веќе го немаат значението што требаше да го имаат. Воедно јасно е дека, засега најмногу од ова губи опозицијата, затоа што владејачката партија доби доволно време да ги консолидира своите редови, граѓаните подзаборавија на бомбите, а терминот за избори се ближи. Во вакви услови секое пролонгирање на договорот по било која точка, без пролонгирање на роковникот за избори значи нова загуба за опозицијата. Имено договорот требаше да донесе суштинско поместување во општеството, во делот на враќање на институциите во нормала, а не требаше само да ги задоволи полтичките страсти. Суштинско поместување е важно токму заради изборите на 24 април, само така може да се обезбедат елементарни услови за фер избори, после кои никој нема да може да каже дека не ги признава. Но суштински промени нема. Јанева сеуште го нема оформено тимот и не почнала со работа. Министрите на СДСМ не влегоа во Влада, ниту пак профункционира новиот министер за полиција. Доцнењето денеска е еден месец од времето за ЈО, а 15 тина дена од времето за избор на министрите. Од друга страна сведоци сме дека преговорите одат речиси никако. Странскиот притисок иако се чинеше битен и насочен кон ВМРО ДПМНЕ не вроди плод. За очекување е дека во меѓувреме се водат и полутајни преговори на кои дипломатите сакаат да го убедат ВМРО ДПМНЕ дека е најважно да профункционира договорот, зошто во спротивно Македонија нема да напредува кон ЕУ и НАТО. Замрзнувањето на преговорите и продлабочувањето на кризата се одразува и на меѓународен план. Пет држави се повлекле од членството во неформалната група “Пријатели на Македонија”, па од 15 членки кои и даваа поддршка на Македонија во Советот на министрите на ЕУ, сега останале - 10. Според медиумите, поддршката за Македонија ја повлекле Шведска, Финска, Данска, Велика Британија и Белгија. Амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер, вчера, порача дипоматијата се уште верува во договорот и дека треба да му се даде шанса тој да биде спроведен во целост. Но дали е така. Ван Хоуте е вратен од Брисел. Се чекаат неговите инструкции. Овој дипломат од кариера, има шанса да направи клучен исчекор во наредните два дена, до европскиот извештај за напредокот. Што ако не успее? Ќе се активира ли планот Б што посредно го најави посредникот, кога рече дека се возможни и санкции за одредени функционери? Иако дипломатите велат дека оваа опција се уште е во игра јасно е дека до неа ќе дојде само кога ќе се исцрпат сите други можности за обнова на дијалогот. Дотогаш. Договорот е мртов, но сепак, да живее Пржино! Р.Ф.
Слично

Поврзани вести