Договорена средба Груевски-Заев – почнува дијалог за излез од криза
В петок со средба на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, започнува дијалогот за излез од политичка криза. Двете најголеми партии ќе се обидат да најдат заеднички јазик за надминување на ситуацијата во која опозицијата не ги признава изборните резултати и го бојкотира Собранието.
Заев го прифатил предлогот што до него го испратил Груевски. „Денешните потези на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека оваа партија единствено знае да реагира под притисок. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја прифаќа поканата за средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Терминот за средба дополнително ќе биде утврден“, велат од СДСМ.
„Го поздравуваме фактот што СДСМ конечно препозна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е спремна за дијалог во интерес на граѓаните и државата“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Пат за дијалогот отвори денешната одлука на собранискиот спикер Трајко Вељаноски да го одложи констатирањето на оставките на опозициските пратеници, во надеж дека наскоро може да биде пронајдено решение за излез од кризата.
Неофицијално, во напорите да се обезбеди дијалог меѓу двете страни се вклучени и европски претставници.
Слично
