Додик: Босна и Херцеговина е невозможна заедница, муслиманите сакаат исламска држава
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик вели дека Босна и Херцеговина е невозможна заедница и затоа што кога станува збор за нејзиниот интегритет, состојбата никогаш не била полоша.
Тој оценува дека муслиманите во земјата манипулираат со резултатите од пописот за да направат исламска држава во Европа.
Додик не се согласува со мислењето на германската канцеларка, Ангела Меркел кога вели дека БИХ направила голем напредок на европскиот пат.
„БИХ е невозможна заедница. Секако дека Меркел е уважена и треба да се почитува она што таа го работи, но не мора да значи дека таа е секогаш во право. Таа приказна за БИХ е целосна заблуда“ - вели тој.
Тој се сомнева во искреноста на неодамнешните изјави на претседателот на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, кој коментирајќи ја изјавата на началникот на Општината Сребреница, Чамил Дураковиќ, рече дека никогаш не би рекол дека врвот на Србија е непожелен на одбележувањето на годишнината на злосторствата во Поточари.
