Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Додека Вие ги боите луѓето, тие се уште посиромашни“: Трендафилов вели дека политичарите се обидуваат да ги обојат работничките протести

„Додека Вие ги боите луѓето, тие се уште посиромашни“: Трендафилов вели дека политичарите се обидуваат да ги обојат работничките протести

Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон политичките елити, обвинувајќи ги дека ги делат граѓаните и ја занемаруваат реалната состојба на работниците.

Тој посочи дека од почетокот на 2026 година ССМ организирал два големи работнички протести и три блокади на институции, со цел, како што наведува, да ги потсети политичарите на реалноста со која се соочуваат граѓаните.

– Го поделивте народот на ваши и нивни, но и едните и другите се сиромашни – наведува Трендафилов.

Според него, македонските работници денес се меѓу најсиромашните, при што една третина од вработените живеат со примања под прагот на сиромаштија, кој изнесува околу 31.200 денари. Тој додава дека вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена, што дополнително го влошува животниот стандард.

Трендафилов критикува и дека намерата на Владата да се ограничи само на законското усогласување на минималната плата, кое би донело зголемување од околу 1.667 денари, е недоволна и не ги решава проблемите на работниците.

Во објавата, тој обвинува дека политичките структури се обидуваат да ги „обојат“ работничките протести и да ги искористат за партиски цели, наместо да се фокусираат на подобрување на стандардот.

– Ние ќе продолжиме да се бориме за повисоки плати, а вие продолжете да зборувате за политика – порачува Трендафилов.

Тој нагласува дека ССМ нема политички амбиции и се оградува од, како што вели, сите политички игри, додавајќи дека приоритет останува заштитата на работничките права и зголемувањето на платите.

Воедно, потсети дека оваа година ССМ одбележува 80 години од своето постоење, нагласувајќи дека организацијата е основана „од работникот, со работникот и за работникот“.


Слично

Поврзани вести