Додека работници штрајкуваат, Германците ги претрупуваат со понуди: Нудат 2500 евра месечно, а условите се овие
Кризата на бродоградилиштето 3 мај во Ријека за посредниците во врабтување квалификувани работници во странство се покажа како вистинска шанса.
Додека работниците штрајкуваат, не знаејќи дали ќе ја добијат заостанатата плата, а камоли каква иднина ги чека нивните работни места, на премините на бродоградилиштето, како и пред самиот влез, како печурки после бура никнуваат плакати кои им нудат работа, најчесто во Германија.
Се бараат практично сите професии - заварувачи, монтери, инсталери, бравари, и така по ред, а барем според дел од летоците, се нуди сигурна работа, стабилни приходи а често и сигурно сместување. Не е тешко да се претпостави дека многу од работниците, притиснати од финансиските тешкотии и неизвесност, се одлучиле да ги свртат броевите истакнати на залепените плакати, пренесува Нови весник.
Истото го направиле и хрватските новинари, обидувајќи се да дознаат што точно им се нуди на работниците. Повикале неколку броеви од огласите и ги интересирало во кој рок може да се потпише договор и почне работа.
„Буквално веднаш. Се работи во околината на Бремен и Хамбург, а се потпишува германски договор за работа. Значи се е чисто. Германско здравствено и пензиско осигурување. Годишен одмор според германскиот закон. Работодавецот обезбедува стан, со тоа што во соби се сместени по двајца работници. Платата е од 17 до 19 евра по час, бруто, за квалификуван заварувач. Месечно се одработуваат околу 200 саати, значи платата е помеѓу 3400 и 3800 евра бруто“-рекол еден посредник.
Колку е тоа во нето износ, прашале новинарите , правдајќи се како слабо се разбираат во германските даночни стапки.
„Не знам сега вака, напамет. Зависи и од тоа дали сте оженет и дали имате деца, тогаш данокот е понизок. Мислам дека тоа е некаде околу 2500 евра месечно“, вели посредникот.
