ДОДЕКА НИЕ ГИ ДАВАМЕ СОНЦЕТО И ВЕТЕРОТ НА СТРАНЦИТЕ, АВСТРАЛИЈА ПОКАЖУВА КАКО СЕ ГРАДИ ВИСТИНСКА ЕНЕРГЕТСКА НЕЗАВИСНОСТ: Професорот Трајковбски со анализа
Професорот Дејан Трајковски, од Техничкиот факултетот - Битола вели дека додека ние ги даваме сонцето и ветерот на странците, Австралија покажува како се гради вистинска енергетска независност.
„Додека кај нас се дебатира за увоз на струја и распродажба на локациите на странски приватни инвеститори, кои вештачки ќе ни го пумпаат БДП на хартија и само ќе ни ги зголемат обврските кон НАТО без буџетот да види едно евро корист, постојат земји кои го прават токму спротивното. Графиконот прикажан на сликата нуди фасцинантен пример за тоа како изгледа вистинска, суверена енергетска транзиција базирана на паметни технологии. Прикажаниот дијаграм јасно го демонстрира брзиот напредок во Австралија, каде што системите за складирање на енергија буквално го преземаат вечерниот врв на потрошувачка.
Споредбената анализа меѓу април 2025 и април 2026 година покажува драстичен пад на потребата од гасни централи (таканаречени peaking gas централи), кои претходно служеле за покривање на најкритичните часови по зајдисонце. Наместо да се согорува скап и увозен природен гас во периодот меѓу 16 и 22 часот, батериите сега преземаат најголем дел од вечерниот врв кој претходно го покривале peaking gas централите. Акумулираната соларна и ветерна енергија во текот на денот ефикасно се ослободува тогаш кога потрошувачката во мрежата е најголема, а производството најмало.
Ова е очигледен доказ дека обновливите извори не мора да значат нестабилност или принуден увоз, под услов државата стратешки да менаџира со капацитетите за складирање. Сликата треба да послужи како сериозна лекција и за нашите власти, дека вистинската енергетска независност се гради со задржување на ресурсите и инвестирање во модерна технологија која работи за народот, а не за странските профити.
Покрај барем десетици големи батериски системи кои веќе ја менуваат сликата на пазарот, Австралија моментално го гради и мега-проектот Snowy 2.0, гигантска реверзибилна хидроцентрала (pumped hydro) со инсталирана моќност од 2.200 MW и 350 GWh складирана енергија, која ќе поврзе две постоечки акумулации (горен и долен резервоар) со 27 километри подземни тунели.
Иако батериите се одлични за брза реакција и покривање на дневните вечерни врвови (како што убаво се гледа на сликата), реверзибилните хидроцентрали имаат две клучни предности во однос на нив.
Прво, овозможуваат голем капацитет и долготрајно складирање. Додека големите литиум-јонски батерии обично можат да испорачуваат енергија во траење од само 2 до 4 часа, Snowy 2.0 ќе има капацитет да напојува 3 милиони домови во тек на цела една недела без прекин. Тоа овозможува премостување на таканаречените темни затишја, односно долгите периоди без сонце и ветер.
Второ, реверзибилните хидроцентрали имаат драстично подолг животен век. Батериските системи имаат век на траење од само 15 до најмногу 20 години пред нивните ќелии да деградираат и да бараат скапа замена и рециклирање. Од друга страна, реверзибилните хидроцентрали се градат со проектиран животен век од 100 до 150 години, што ги прави трајно национално добро и вистински столб на енергетската независност за идните генерации“, пишува тој.
Слично
