Додадена вредност со Никица Мојсоска Блажевски - Личен брендинг и стил изграден врз знаење и вредности
Како една успешна жена во многу полиња го задржува фокусот и високиот интензитет. Кои се најдобрите основи за личниот брендинг и стил?
„Навистина верувам во тие внатрешни вредности и во стил којшто е развиен врз основа на вашите карактеристики. Кај мене тоа била дисциплината којашто произлегува од спортот, тоа било интегритетот“, вели проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.
Во Додадена вредност на Фактор и Женски магазин, таа говори за нејзините успеси кои се должат на посветеност, и мотивација поврзана со резултати кои имаат општествено влијание.
Како една успешна жена во академскиот свет, меѓународните проекти, економијата и приватниот живот, успева да го задржи фокусот и високиот интензитет? Каде ја наоѓате вашата „додадена вредност“ кога ви е потребна мотивација за вашите потфати?
Никица Мојсоска Блажевски: Кај мене е релативно едноставно бидејќи мотивацијата е поврзана со резултати што имаат општествено влијание. Така е во целата моја кариера, практично ако ја погледнеме, дали е тоа професионален спортист каде се натпреварувате за вашата држава, па се до работа во јавна администрација, академија, невладин сектор. Сето тоа се работни обврски коишто навистина носат резултати со општествено влијание.
Меѓутоа е многу важно да имате јасна цел и јас би рекла дека во денешно време е многу важно да имаме вредности и интегритет, на што често се заборава. Никој нема неисцрпна енергија, такашто мора свесно да управуваме со енергијата, да ја насочуваме кон она што има реална вредност, а не на тоа што е итно.
Како го градевте вашиот личен стил, и во однос на екстерната манифестација, но и внатрешниот пристап, како во преговорите со бизнис и политичките лидери, така и во јавните настапи, вашите говори, па дури и предавањата на факултетот. Колку е важно да се гради тој личен брендинг, и колку е тешко да се одржи конзистеност?
Никица Мојсоска Блажевски Мојот стил е изграден врз база на силна верба во одредени вредности и знаење, сум мислела дека со стекнување знаење вие имате аргументи и тоа навистина ве прави подобар, дали во, преговори, презентација, комуникација и итн.
Мислам дека мојот личен брендинг ако постои, сега се извинувам, или стил не е изграден интенционално, изграден е сосема стихијно тој личен брендинг.
Навистина верувам во тие внатрешни вредности и во стил кој е развиен врз основа на вашите карактеристики. Кај мене тоа била дисциплината која произлегува од спортот, тоа било интегритетот, како што споменав резултати кои имаат општествено влијание.
Може ли да се изградат мостови меѓу бизнисмените во дијаспората и домашната економија и како да се искористи полетот на младите со новите технологии?
Никица Мојсоска Блажевски: За мене и сегашноста и иднината не се само политики, не се само закони и итн. Мислам дека сѐ лежи во луѓето, односно мораме да градиме добри луѓе, добри граѓани, и добри идни лидери.
За среќа работам во организација којашто има пристап до врвни професионалци, лидери од целиот свет, од дијаспората, и тоа поврзување нивно со нашите млади и искусни лидери навистина дава огромни резултати.

Покрај домашните предизвици со кои се соочува економијата, геополитичките предизвици и неизвесности, тука е и вештачката интелигенција која можеби не веднаш но, сигурно чекор по чекор го менува како образованието, така и работниот процес. Колку ќе биде важно да се интегрираат потенцијалите на младата генерација, но и да се направи „генерациски мост“ со центрите на моќ и одлучување во Македонија?
Никица Мојсоска Блажевски: Младите имаат една дигитална интуиција, младите често и без страв ги користат дигиталните алатки и вештачката интелигенција.
Мора да создадеме мост помеѓу генерациите, мора да ги образоваме повеќе сите категории на граѓаните, вклучително и пензионери, за она како може да ни го смени во позитивна смисла ВИ животот, квалитетот на животот, побрзо и полесно да завршуваме одредени работи, меѓутоа во професионалниот свет моќта на ВИ е навистина огромна, секако доколку се користи правилно и безбедно.
Така што мислам дека тие напори и насочување на енергијата кон градење на лидерите е нешто што ќе доведе до повисок општествен и економски раст.
Која е онаа вредност што сакате да ја вградите во македонското општество, а која ќе служи како патоказ за идните жени лидери кои сега го трасираат својот пат?
Никица Мојсоска Блажевски: Една ако можам да кажам порака до младите жени лидери е дека не треба да бараат или да целат да бидат совршени.
И да ги користат оние карактеристики коишто се специфични за жените во носењето на одлуките, дали тоа е емпатија, дали е тоа друг начин на гледање на работите. Пораката е да не се само-саботираат бидејќи и тоа ни се случува многу често.
Значи доволно добри, храбри и да носат одлуки релативно брзо.
Х.С.
