„ДОБРЕДОЈДЕ“ ИЛИ „СИКТЕР“ за новиот американски амбасадор Џес Бејли?
Уште недојден во Македонија, новоименуваниот амбасадор на САД во земјава Џес Бејли доби вербална лекција од македонското МНР. По изјавата на новиот дипломат дека во Македонија живеат “Словени“, македонската дипломатија го повика заменик-амбасадорот на САД и му врачи вербална протестна нота. “Несоодветното ословување на македонскиот народ би можело да има негативни импликации на надворешен и внатрешно-политички план“ - стои во неа.
Дипломатски рулет ...
Зошто уште недојден, новиот амбасадор на САД во Македонија, Бејли, даде оценка дека во земјава живеат Словени? Дали носи нова порака од Америка до Македонија? Се нишаат ли македонско-американските односи? Едно е јасно, изјавата на амбасадорот Бејли испровоцира потег од македонските власти кој не навестува конструктивна дипломатска релација со новиот амбасадор. Вчера, македонското МНР преку заменик- амбасадорот на САД во Македонија врачи протестна нота. Во соопштението на МНР пишува:
“Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беше повикан заменик амбасадорот на САД во Република Македонија, при што беше изразена загриженост поради несоодветното ословување на припадниците на македонското мнозинско население како “Словени“ од страна на новоименуваниот амбасадор на САД во Република Македонија, Џес Линпинкот Бејли, во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат при неговото сослушување оддржано на 17 септември 2014г“ - посочија од МНР и додадоа:
“Ваквото ословување го доведува во прашање идентитетот и ги повредува чувствата на македонскиот народ. Едновремено, несоодветното ословување на македонскиот народ би можело да има негативни импликации на надворешен и внатрешно-политички план.“
Домашната експeртска јавност смета дека е оправдано македонската влада да реагира на изјавата на новиот амбасадор Бејли, но не на ваков начин. Според професрот Мерсел Биљали, оваа протестна нота може да биде закана за прогласување на “Персона – нон – грата“, односно “непожелен “ во Македонија.
“Уште недојден во земјава, амбасадорот доби протестна нота која според мене е закана за прогласување на “персона-нон-грата“, односно непожелна личност. Ќе биде зачудувачки ако еднаш направиме добар потег. Ние, кога зборуваме за дипломатија, секогаш си пукаме или во глава или во нога, и што е најстрашно тоа го правиме свесно, според мене, да се блокираат евроатланските интеграции за да не се промени сегашната состојба во која е заглавена Макеоднија“, вели за “Фактор“ аналитичарот Мерсал Биљали.
Начинот на кој Македонија го дочека новоименуваниот амбасадор Бејли не е соодветен – смета и универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
“Според мене непријатно е уште на старт да се дочекува нов амбасадор на ваков начин. Станува збор за пријателска држава со која ние веќе имавме едно вакво слично искуство со потписникот на Рамковниот договор, Џејмс Пердју. Сега, новоименуваниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Бејли ги поремети плановите на владејачката партија во однос на рекомпонирање на историјата. Воопшто не е пријатно уште недојден, новиот амбасадор да се дочека на ваков начин. Јас секако не подржувам изјави со кои се оспорува нашиот идентитет, но сметам дека требаше да најдеме друг начин во вид на укажување на незадоволство од таквите изјави“, вели за “Фактор“ универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
На изјавата на дипломатот Бејли, реагираа и од “Македонскиот манифест“. Во писмото до амбасадорот напишаа:
“Почитуван новонаименуван амбасадор на САД во Македонија, господине Џес Бејли, вчудоневидени сме од Вашите погледи и ставови изнесени во Американскиот сенат. Одговарајќи на поставено прашање, рековте: „Во Македонија живеат Словени, Албанци и други етнички групи: Роми, Турци и други“. Во Вашиот стокмен говор за пригодното обраќање сте поизмазнети, велите: „албанско и македонско население“, но никаде не се изјаснувате со поимите „Македонец“ и „Македонци“, во смисла на нивната идентитетска ознака, која постои во континуитет од антиката до денес. Изгледа дека мислите оти Македонците кај кои доаѓате се некоја идентитетски безлична географска маса на која, во договор со Грците и ЕУ треба да ѝ го модифицирате, односно смените автентичното име, а со тоа и да ѝ го укинете нејзиниот исконски идентитет и историска меморија. Засекогаш. “ - реагираа од “Македонскиот манифест“
Последици за македонско-американските односи?
Домашната експертска јавност смета дека ваквиот вовед во релациите со новиот амбасадор нема да остане незабележан и без последици.
“Ние не можеме и не треба да го мериме секој збор на дипломатите, а го правиме тоа или од незнаење или од зла намера. Според мене, амбасадорот Бејли немаше лоша намера во својата изјава, тоа го кажа каде дел од еден дипломатски речник. Од друга страна сметам дека постапката на Македонија да го пречека со протестна нота ќе биде уште еден минус повеќе за македонско-американските реалции. Секако дека ова ќе има последици врз идните односи меѓу амбасадорот и македонската Влада, но како тоа ќе изгледа, ќе почекаме да видиме“, оценува аналитичарот Биљали.
Македонија до сега имала многу посериозни причини за реакција, но премолчела, смета професорот Кекеновски.
“Америка и релациите со неа се важни за сите политичари и сите се “колнеа“ во САД. Јас не велам дека требаше да се премолчи на изјавата на Бејли, но тоа требаше да се направи на соодветен начин. Ние сме имале ситуации во кои што требало да покажаме достоинство, тоа биле ситуации на длабоко мешање во внатрешните работи на Македонија, а не сме реагирале. Ова што сега го направивме со американскиот амбасадор не може да помине без последици, најпрво сметам дека на ваков начин американскиот дипломат уште на старт го оттурнуваме од македонскиот кон албанскиот политички блок“, вели професорот Кекеоновски .
Жестоката реакција на изјавата на диплматот Бејли стаса и од македонската дијаспора.
На својот фејсбук почесниот конзул на Македонија во Австралија Зоран Ќосески како реакција на Бејли раскажа една случка за време на неговата средба со поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Австралија Кевин Руд.
„Кевин Руд ме праша: Што е Македонец? Му одговорив дека никој не мора да одговара на такво прашање. Но, кога веќе праша, му кажав дека Македонец е некој кој не е Словен, кој не е Грк, не е Бугарин, ниту пак Србин, тој е Македонец со своја култура и историски идентитет. Ве молам покажете малку повеќе почитување кон македонскиот народ затоа што ние не ве нарекуваме Англосаксонци. Што е Словен? Сте се запрашале ли некогаш? Ние сме Македонци. Ве молам за поголема почит кон нас“, му одговорил Ќосески на Руд.
Новиот американски амбасадор во Скопје, минатата недела одговарајќи на прашања од сенатори, членови на Комитетот за надворешни прашања за Сенатот на САД, рече дека во Македонија живеат „Словени и Албанци“. Тој на неколку пати го употреби терминот македонско население и македонски граѓани, но не и Македонци.
Р.Ф.
Слично
